26.03.2012, 12:48 Недела на франкофонски филм во Кинотека
Манифестација започнува во вторник со проекцијата на „Ќе ми бидеш син“ на Жил Легран
Со проекција на филмскиот хит „Ќе ми бидеш син“ на Жил Легран од 2011 година, утревечер во Кинотека на Македонија почнува Неделата на франкофонски филм. Во идните седум дена, посетителите ќе имаат можност да проследат ревија филмови од франкофонски земји, Швајцарија, Белгија, Бугарија, Романија и Канада.
Во стандардните термини, од 20 часот, во среда ќе се прикажува „Дома“ на Урсула Мејер (2008), во четврток „Пиеси од Истокот“ на Камен Калев (2010) и во петок „Пијанистка“ на Микаел Анеке (2001). За сабота се закажани три проекции, на швајцарскиот анимиран филм„Титеф“ во 17 часот, „Волшебникот Симон“ на Илдико Ењеди (1999) во 18:30 и „Песната на лудите“ на Чаба Берецки (2003) во 20:30, додека недела е резервирана за „Детето“ на Жан-Пјер и Лик Дарден (2005) во 18:00 и за „Големата привлечност“ на Жан-Франсоа Пулио (2003) во 20 часот.
Официјалното затворање е в понеделник, 2 април, во 20 часот, со филмот „Елеватор“ на Жорж Доробанту (2008).
Неделата на франкофонскиот филм се организира со поддршка на Францускиот институт во Скопје, по повод Месецот на франкофонијата - Март. Ќе ја отвори францускиот амбасадор во Македонија Жан-Клод Шлумберже. |