12.03.2012, 11:02 Победа на Вардар Про, пораз на Металург во СЕХА лигата
Црвено-црните дома го совладаа Извиѓач со 26:21, додека десеткуваниот Металург загуби на гости кај Загреб со 25:30
Македонските екипи претставници во СЕХА лигата на вчерашните натпревари од 20.коло имаа половичен успех. Вардар Про на домашен терен го победи Извиѓач, додека Металург загуби на гостувањето кај Загреб.
Во СРЦ „Кале“ лидерот на СЕХА лигата Вардар Про стигна до нови три бода, откако во текот на целиот натпревар се наоѓаше во водство, кое гостите од Љубишки го загрозија само кон средината на вториот дел кога намалија на 20:19. До крајот на натпреварот „црвено-црните“ стигнаа до победа од 26:21. Најефикасен на натпреварот беше играчот на Вардар Про, Добивоје Марковиќ со 7 голови.
Ракометарите на Металург го доживеаја вториот пораз во СЕХА лигата откако во Вараждин загубија од Загреб 30:25. Првиот дел заврши нерешено 14:14, а домашаната екипа ја искористи предноста и во вториот дел стигна до посакуваната победа.
На овој натпревар Металург настапи без неколку стандардни првотимци Наумче Мојсоски, Жарко Марковиќ, Миладин Козлина, Ацо Јоноски, кои се повредени и голманот Дарко Станиќ кој почуствува замор. Тренерот Лино Червар им даде шанса на другите играчи, а најефикасен на натпреварот беше Никола Стојчевски со 7 голови.
Табела: Вардар Про 47 бодови (19 натпревари), Загреб 44 (17), Металург 42 (18), Татран Прешов 40 (18), Нексе 33 (19) итн.
|