12.03.2012, 13:44 Град Скопје презема мерки за спречување на инцидентите
Активно следење на социјалните мрежи и интервенции онаму каде ќе се воочи национална, верска и етничка нетрпеливост се дел од заклучоците што ги усвои Локалниот совет за превенција на Град Скопје
Активно следење на социјалните мрежи и интервенции онаму каде ќе се воочи национална, верска и етничка нетрпеливост, односно секаде каде што се промовира насилство, a ЗЕЛС да препорача одржување на состаноци на локалните совети за превенција во општините кои се мешан етнички состав, се дел од заклучоците што ги усвои Локалниот совет за превенција на Град Скопје.
На состанокот одржан во петокот заседавал градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, а присуствувале претставници од општините Кисела Вода, Чаир, Ѓорче Петров, Карпош и од Гази Баба, како и претставници од Министерството за одбрана, од Министерството за внатрешни работи и од Министерството за образование и наука.
- Целта е да се вклучат сите релевантни субјекти за смирување на оваа состојба, почнувајќи од општините, месните заедници, институциите, како МВР. Зголемена е и безбедноста во училиштата што се во наша надлежност, во смисла на превенција и поголемо ангажирање на обезбедувањето во училиштата, на наставниците, на наставничкиот совет, за да може оваа ситуација да биде смирена што побрзо, изјави денеска Трајановски во Старата скопска чаршија, каде почна проектот за реконструкција на уличното осветлување.
На состанокот на Локалниот совет за превенција е констатирано дека заради зголемување на безбедноста на средношколците, Град Скопје во средните училишта што се во негова надлежност веќе има воведено видео надзор, а ангажирани се и агенции за обезбедување. Во средните училишта на Град Скопје психолози и педагози работат со проблематичните ученици, а редовно се одржуваат и работни средби со родителите.
Заклучоците што ги донесе Локалниот совет за превенција на Град Скопје може да се погледнат на веб-страната на Град Скопје, http://www.skopje.gov.mk.
|