12.03.2012, 14:12 И Македонија со свој штанд на Саемот на книгата во Лајпциг
Организатор на националниот штанд е издавачката куќа „Готен“, од каде што ветуваат богата програма
На годинашното издание на Меѓународниот саем на книгата во Лајпциг, Германија, кој ќе се одржи од 15 до 18 март, и Македонија ќе има свој национален штанд, што го организира издавачката куќа „Готен“. На штандот ќе бидат изложени дела од современи македонски писатели, речиси сите кои имале свој превод на дела на германски јазик, потоа неколку монографии за Македонија на германски, како и дела од македонски писатели преведени на англиски јазик како дел од едицијата „130 тома македонска книжевност“.
На штандот, во рамките на заедничката програма со мрежата „Традуки“, ќе бидат промовирани четворица македонски писатели: Венко Андоновски, Александар Прокопиев, Јагода Михајловска-Георгиева и Лидија Димковска, лауреати на престижни домашни и меѓународни награди. Лидија Димковска ќе ја промовира својата книга на германски јазик, „Пристојна девојка“, објавена во престижната издавачка куќа од Виена, „Едиција Кореспонденс“. На германската јавност овие четворица автори ќе и' бидат претставени со каталог од извадоци од нивните дела преведени на германски јазик, што специјално за годинешното издание на Саемот го подготви издавачката куќа „Готен“. Каталогот, пак, ќе им биде поделен на претставници на издавачките куќи присутни на Саемот, на авторски агенции, книжевни агенти и други застапници кои посредуваат во објавувањето на авторските дела на меѓународниот пазар на книги.
Македонските автори ќе настапат и на неколку книжевни разговори, читања и претставувања во рамките на програмата „Литература од Југоисточна Европа“, традиционално организирана од „Традуки“.
„Повеќето земји од Југоисточна Европа имаат свои национални штандови на Саемот. Постоењето на штанд ја зголемува видливоста на националната литература и овозможува поголема промоција и паралелна програма во рамките на штандот“, вели Роберт Алаѓозовски од „Готен“.
Инаку, на еден од најголемите настани на Саемот, т.н. „Балканска ноќ“, со свое шоу ќе настапи и познатиот македонски џез-музичар Зоран Маџиров, со неговиот сет со шишиња. Маџиров во еден дел од вечерта ќе настапи соло, а во вториот дел ќе импровизира во придружба на словенечкиот музичар Владо Креслин. Ова е втор настап на македонски музичари во рамките на Саемот во Лајпциг, по успешниот настап на групата „Баклава“ од пред две години.
Покровител на штандот е македонското Министерство за култура, а Саемот ќе го посети заменик-министерот за култура, Драган Недељковиќ.
Годинава, земји во фокус на Саемот се Полска, Украина и Белорусија. Во чест на претстојното фудбалско првенство во Полска и Украина, како неформална програма ќе се одржи турнир во фудбалчиња на маса. Писателите од дваесетина земји формираа екипи од двајца, а македонските бои ќе ги бранат Александар Прокопиев и Венко Андоновски. (Т.И.)
|