11.03.2012, 16:47 „Ѓубре“ од Ирвин Велш и музика од „Стренглерс“ на едно место
Вечерва во клубот „Менада“ во 21 часот ќе се одржи промоција на романот „Ѓубре“ од Ирвин Велш, во превод на Калина Јанева
Се работи за 57. книга во популарната едиција „Проаза“ на издавачката куќа „Или-или“, како и прв превод од англиски на македонски јазик на дело на контроверзниот шкотски писател Велш, еден од предводниците на модерната генерација на британски писатели. Објавувањето на овој роман е дел од Програмата за култура (2007-2013) на Европската унија. Книгата ќе ја претстави познатиот македонски режисер Срѓан Јаниќиевиќ.
Оваа вечер ќе биде збогатена со музиката на еден од највлијателните британски бендови „The Stranglers“ и токму затоа целиот настан е насловен како „Irvin Welsh and The Stranglers (Nice and Sleazy Night), според големиот хит на бендот.
Инаку, „Ѓубре“ е трет роман на Велш, а го следи постепеното пропаѓање на Брус Робертсон, единбуршки детектив кој го истражува крволочното убиство на Ефан Вури, новинар и син на африкански дипломат. Книгата започнува со детален и сликовит приказ на убиств��то, еден од ретките описи на физичко насилство во романот. Она што е насилно е самата книга. Велш го напаѓа читателот со својата брза, ритмична проза, му влепува в лице протагонист кај кого е речиси невозможно да се најде нешто допадливо: тој е пијаница, наркоман, хомофоб, женомрзец, расист, силувач и чист социопат. Но, според самиот автор на романот, токму во таков еден лик може да се отелотвори критиката на општеството, власта и односите на моќ. (Т.И.) |