12.03.2012, 13:55 Американски сенатор бара Македонија да влезе во НАТО
Дик Лугар предлага нов закон со кој се бара од претседателот Барак Обама да подготви јасен план за прием на Македонија, Црна Гора, БиХ и Грузија во Алијансата
Американскиот сенатор Дик Лугар предлага нов закон со кој се бара од претседателот Барак Обама пред Самитот на НАТО во Чикаго да подготви јасен план за прием на Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Грузија во Северноатлантската алијанса.
Републиканскиот сенатор Лугар, како што е објавено на неговата веб-страница, го предлага законот за да го охрабри натамошното проширување на НАТО и за зацврстување на стратегиското партнерство меѓу САД и сојузниците во Алијансата.
- Проширувањето на НАТО е клучен елемент за зацврстување на стабилноста и политичките реформи меѓу новите демократии од Централна и Источна Европа и од Балканот. Нивното зачленување во НАТО нема само да ја подобри регионалната безбедност, туку ќе помогне тие да се трансформираат во блиски, економски и безбедносни партнери на САД, вели сенаторот Лугар.
Тој бара Сенатот да го поддржи неговиот предлог и да ги потврди американските заложби за натамошно проширување на НАТО со Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Грузија.
|