12.03.2012, 14:17 По пет месеци Манчестер Сити го загуби врвот
Киксот на гостувањето кај Свонси го искористи Јунајтед, кој сега има бод предност
По пет месеци Манчестер Сити го загуби врвот во Премиер-лигата, а тренерот Роберто Манчини за поразот кај Свонси го обвини недостигот од голгетерска инспирација.
Гостувањето во Велс може да се покаже на крајот како пресудно. Манчестер јунајтед на свој терен очекувано го совлада Вест Бромвич со 2:0, па сега има бод предност во однос на лутиот градски ривал.
Лук Мур, пак, беше тој кој го шокираше Сити со доцниот гол. Потоа и Мика Ричардс постигна погодок за израмнување на 1:1, но му беше поништен поради офсајд. Знаменцето го крена жената аутриктер. Иако, на прв поглед ситуацијата беше сомнителна, снимката покажа дека жената била во право.
„Никогаш не забиваме многу голови, но на ова гостување не успеавме да дадеме ниту еден. Влегуваме во последните два месеца и многу е важно да постигнуваме голови бидејќи до крајот има уште 10 меча. Моментно изгледа тешко, но во тие десет натпревари ние самите си ја кроиме судбината“, рече Манчини.
„Го контролиравме натпреварот, но промашивме неколку шанси, а потоа погрешивме во одбраната и му дадовме на противникот шанса која ја искористи. Не заслуживме уште еден пораз во меч во кој бевме подобри (н.з. Сити загуби и во Лига Европа кај Спортинг со 0:1), но околу тоа не може ништо да направиме“, додаде италијанскиот стручњак.
„Тука сакаме да останеме до крајот на сезоната. Убаво е да се биде на врвот, а мислам дека заслуживме поголем кредит отколку што го имавме минативе месеци. Искрено, нашата форма на европската сцена беше разочарувачка. Но, во домашниот шампионат победивме неколку екипи и одигравме тешки мечеви. Понекогаш и не игравме најдобро, но сеедно освојувавме бодови“, вели напаѓачот на Јунајтед, Вејн Руни.
Табела: Манчестер јунајтед 67, Манчестер Сити 66, Тотенхем 53, Арсенал (-1) 49, Челзи 49, Њукасл 44 (-1), Ливерпул (-1) 39...
|