11.03.2012, 17:29 Американски војник уби 16 цивили во Авганистан
Војникот отворил оган и врз жени и деца откако доживеал нервен слом. Тој ја напуштил воена база и отворил оган откако влегол во локални куќи. Меѓу убиените има жени и деца
Американски војник во Авганистан уби 16 цивили и повреди уште петмина во провинцијата Кандахар откако доживеа нервен слом, изјавија официјални лица. Тој ја напуштил воена база во раните утрински часови и отворил оган откако влегол во некои локални куќи. Се наведува дека меѓу убиените има жени и деца. НАТО соопшти дека спроведува истрага за „инцидентот кој е за длабоко жалење“.
Антиамериканското чувство веќе е на високо ниво во Авганистан откако минатиот месец американски војници запалија копии од Куранот. Американски официјални лица во повеќе наврати се извинија за инцидентот во базата на НАТО во Кабул, но не успеаја да ги задушат серијата протести и напади во кои загинаа најмалку 30 лица, и шестмина американски војници.
Војникот не е именуван, но се верува дека е водник. Тој излегол од базата околу 3 часот по локално време. Според еден жител цитиран од страна на Асошиетед прес, тој отворил оган во три одделни куќи во селото Алкозаи. „Слушнав истрели, потоа молк и пак истрели“, рече Абдул Баки. Локалните племенски лидери наведоа дека меѓу убиените има жени и деца. (Би-Би-Си)
|