24.09.2011, 15:12 Македонија е за солуција со две независни држави
Високи извори од Владата брифираат во Њујорк дека македонскиот став околу Израел и Палестина е дека единственото решение се - две независни држави.
Изворите не сметаат дека во Владата а посебно во владејачката коалиција има спротивставени ставови откако поранешниот шеф на дипломатијата и сегашен претседател на парламентарната комисија за надворешна политика Антонио Милошоски рече дека Македонија "можеби треба да размисли за воспоставување на дипломатски односи со Палестина".
Од Владата велат дека ставот на Милошоски не значи разногласие во државниот врв и дека всушност Македонија и Косово се единствените држави во Европа кои не воспоставиле дипломатски односи со Палестина.
Инаку, синоќа Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху доцна синоќа изјави дека мирот со Палестинците нема да се постигне преку резолуција на ОН, туку со директни преговори, пренесоа светските агенции.
Во говорот пред Генералното собрание на ОН Нетанјаху изјави дека „пружа рака кон палестинскиот народ“, како и кон земјите како Египет, Јордан и Турција.
- Вистината е дека Израел сака мир, вистината е дека јас сакам мир, подвлече тој и додаде: „Ние нема да постигнеме мир преку резолуции на ОН“.
Изјавата на Бенјамин Нетанјаху беше проследена од долготрајни ракоплескања.
Пред него говор оддржа и палестинскиот претседател Махмуд Абас, кој и покрај неодобрувањето на Израел и САД поднесе барање во ОН за прием на палестинската држава како своја полноправна членка, забележаа агенциите.
Дипломатски извор соопшти дека „блискоисточната четворка“ денеска ќе заседа во седиштето на ОН во обид да се обноват израелско-палестинските мировни преговори. Министри од „четворката“ - ЕУ, Русија, САД и ОН ќе се соберат вече��ва, а на средбата ќе учествува и генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун. (С.К.)
|