24.09.2011, 18:49 Светска банка со 155 милиони долари за Македонија
ММФ и Светска банка ја оценија Македонија како земја со здрави економски политики.
Светска банка ќе и даде на Македонија финансиска поддршка оваа и следните две години во износ од 155 милиони долари за реализација на неколку крупни проекти.
Остварените резултати во однос на порастот на БДП, степенот на зголемување на странските директни инвестиции и високиот пораст на извозот се клучните три работи позитивно оценети.
Ова во изјава за МИА го соопшти вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој ја предводи македонската делегација на Годишното собрание на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка.
Тој посочи дека поддршката од Светска банка ќе биде во делот на енергетиката.
- Во текот на 2012 година ќе започне реализацијата на проектот „Луково Поле“, проект поддржан со средства од Светска банка. Уште во текот на оваа година ќе започне реализацијата на проектот за изградба на далекувод од Штип до Ниш спроведен од страна на АД МЕПСО.
Покрај тоа, ќе добиеме и средства за поддршка на инфраструктурни проекти за општините, проект со кој што десетици општини во Република Македонија, пред се од посиромашните региони, ќе добијат пари за реализација на инвестициски проекти во делот на реконструкција на улици и улично осветлување, набавка на возила за јавните комунални претпријатија и слично - изјави вицепремиерот Ставрески.
|