25.09.2011, 11:38 Јаневска: Граѓаните имаат обврска да се попишат
На претстојниот попис, што ќе одржи од 1 до 15 октомври, ќе се попишуваат различни категории граѓани, покрај домовите и становите.
Ќе се попишуваат и граѓаните кои се надвор од државата најмногу 12 месеци, но и луѓето кои не се државјани на Македонија, а имаат документ дека се на привремен престој кај нас. Претседателката на Државната пописна комисија Весна Јаневска во интервју за МИА посочува на обврската на граѓаните да се попишат и се осврнува на поголем дел од процесот на попишување.
- Ќе се попишуваат различни категории граѓани, покрај домовите и становите. Прво, ќе се попишуваат оние кои имаат вообичаено место на живеење, а тоа е местото каде што граѓаните го поминуваат најголемиот дел од денот, каде што живеат. Тоа се во најголем процент државјани на Република Македонија. Покрај тоа, ќе бидат попишани и луѓето кои не се државјани на Македонија, а имаат документ дека се на привремен престој во оваа држава. Од државјаните на Македонија ќе бидат попишани сите кои се во моментот тука и оние кои се надвор од земјата најмногу 12 месеци. Оние кои се излезени и не живеат во земјата повеќе од 12 месеци нема да бидат попишани затоа што тие ќе бидат попишани во земјите во кои што живеат. Апелирам да не се создаде забуна меѓу населението дека ако одредено лице дошло во јуни на одмор во својата земја, а живее и работи да речеме во Германија, треба да биде попишано, вели Јаневска.
Тој граѓанин, објаснува таа, ќе биде попишан во Германија без оглед што секоја година доаѓа еднаш, двапати или трипати да си го посети семејството или на одмор во земјата.
- Тоа е така според процедурите, правилниците на ЕУРОСТАТ, која води грижа за статистиката во ЕУ. И тоа е така затоа што од пописот се очекуваат параметри не за етничката припадност, не за вероисповед, туку за параметри кои ќе овозможат подобра економија, подобра социјална заштита, подобар здравствен систем, образовен систем, подобра инфраструктура и конечно соодветни макропроекции. Граѓаните кои нема да бидат попишани не ги губат правата на државјани на Република Македонија, истакнува Јаневска.
Тие, појаснува таа, се државјани на Република Македонија и си ги задржуваат сите права, како на пример правото на глас, но не можат да бидат попишани затоа што нивното вообичаено место на живеење не е во нашата држава. - Попишувањето на тие граѓани значително би ги нарушило резултатите од податоците кои ги собираме и врз основа на лоши и некоректни податоци ние би граделе стратегии. Тоа на граѓаните кои живеат во Република Македонија не им е потребно, вели претседателката на Државната пописна комисија.
|