26.09.2011, 13:06 Дизелот поскапува два денара
Дизел горивата од утре поскапуваат за два денара по литар, а цената на бензините останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.
Со одлуката се врши зголемување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,19, односно за 2,50 отсто.
Новата малопродажна цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе изнесува 70 денари за литар, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе се продава за 59 денари за литар. Малопродажните цени на ЕУРОСУПЕР БС-95 и на ЕУРОСУПЕР БС-98 остануваат исти, односно 80 и 81,50 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 2,062 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС кој сега ќе се продава за 43,309 денари за килограм.
Како причина за зголемувањето на малопрадажната цена на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 1,64 отсто пониската просечна цена на сурова нафта на светскиот пазар во изминатиот 14-то дневен период и за 5,02 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.
|