27.09.2011, 17:02 Антиќ: Немам проблеми ни со Солун ни со Грција
Грчките новинари го „растргнаа“ македонското засилување на Олимпијакос при пречекот во Атина
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
АТИНА - Пиреја и црвено-белите го дочекаа Перо Антиќ. Македонскиот кошаркарски репрезентативец, кој потпиша за Олимпијакос уште при слетувањето на аеродромот „Елефтериос Венизелос“ во Атина, беше бомбардиран со прашања за неговиот нов почеток во грчкиот клуб, но и за случувањата на Европското првенство во Литванија и за односите меѓу Македонија и Грција.
Покрај за играта и за плановите со Олимпијакос, грчките новинари не издржаа да го прашаат Македонецот и за навивачката песна „Излези момче“, како и за спорот за името меѓу Македонија и Грција.
„Политиката е поинаква од спортот и мене лично воопшто не ме засега. Ги сакам Грција и луѓето, имам многу пријатели тука од мојот претходен престој и едвај чекам да ги видам. Спорот меѓу двете држави треба да го решат други. Во врска со песната, тоа е навивачка песна и ја користиме на сите натпревари, и по победите и по поразите. Песната не' потсетува дека претставуваме една држава. Да бидам искрен, пред да почне Европското првенство не го знаев текстот на песната. Сега знам што значи, но ви кажувам од која причина ја пееме. Немам никакви проблеми ни со Солун ни со Грција“, истакнува Антиќ.
(Поопширно во утрешното издание на „Утрински весник“)
|