27.09.2011, 23:18 Јанг спречи сензација на Базел на „Олд Трафорд“
Јунајтед во последната минута израмни на 3:3, Баерн со двата гола на Гомез подобар од Манчестер Сити
Фудбалерите на Базел беа на прагот да приредат огромна сензација на гостувањето против Манчестер Јунајтед во второто коло од Лигата на шампионите, но англискиот репрезентативец Ешли Јанг со голот во последната минута го спаси шампионот на Премиер лигата од пораз.
Јунајтед успеа да извлече реми од 3:3 во средбата во која делуваше дека нема да има проблеми по предноста од 2:0 на полувремето.
Сепак, на двата погодока на Дени Велбек во првиот дел, Швајцарците одговорија со головите на тандемот Фрај, Фабијан и Алекс, кои во периодот од 58. до 76. минута му донесоа целосен пресврт на Базел.
Сепак, Јанг успеа да го спаси Јунајтед од срам со својот погодок во 90. минута за второ реми на составот на Алекс Фергусон, по она во првото коло со Бенфика.
Одличната форма на тимот на Баерн Минхен оваа сезона доби потврда и во посетата на Манчестер Сити на „Алианц“ арената. „Граѓаните“ беа надиграни и мораа да се помират со поразот од 2:0 по двата погодока на Марио Гомез.
Репрезентативецот на Германија, кој исто така е во одлична форма оваа ��езона, двата гола ги постигна во последните седум минути од првиот дел. Најпрвин погоди во 38. минута, кога најдобро се снајде пред голот на Џо Харт по една одбиена топка, а слично реагираше и во последните моменти од првото полувреме за конечни 2:0.
Во вториот меч од оваа група, Наполи со головите на Хамшик и Кавани со идентични 2:0 дома беше подобар од Виљареал.
ГРУПА А Баерн - Манчестер Сити 2:0, Наполи - Виљареал 2:0 Табела: Баерн 6, Наполи 4, Манчестер Сити 1, Виљареал 0.
ГРУПА Б ЦСКА Москва - Интер 2:3, Трабзон - Лил 1:1 (0:1) Табела: Трабзон 4, Интер 3, Лил 2, ЦСКА 1.
ГРУПА Ц Манчестер Јунајтед - Базел 3:3, Оцелул - Бенфика 0:1 (0:1) Табела: Базел 4, Манчестер Јунајтед 2, Бенфика 2, Оцелул 0.
ГРУПА Д Реал Мадрид - Ајакс 3:0, Лион - Динамо Загреб 2:0 Табела: Реал 6, Лион 4, Ајакс 1, Динамо 0.
|