30.09.2011, 13:25 Коби Брајант ќе игра за Виртус Болоња
Според неофицијални информации, НБА-ѕвездата ќе заработи три милиони долари за првите 40 денови од сезоната во Италија.
Италијанскиот кошаркарски клуб Виртус Болоња постигна вербален договор за соработка со ѕвездата на ЛА Лејкерс и еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, Коби Брајант.
„Имаме договор околу економскиот дел. Треба да се договорат уште неколку работи, но во овој момент јас сум голем оптимист. Можам да кажам дека работата е 95% завршена“, соопшти претседателот на клубот, Клаудио Сабатини.
Според неофицијални информации, Коби Брајант ќе заработи три милиони долари за првите 40 денови од сезоната во Италија. Според договорот, Брајант ќе има можност да се врати во Лос Анџелес Лејкерс доколку во текот на првите десет натпревари се заврши со штрајкот во НБА лигата.
Коби Брајант помина дел од своето детство во Италија додека неговиот татко Џо Брајант играше за неколку екипи од оваа земја. Тој престојуваше два дена во Италија заради своите обврски кон спонзорите, но веќе се врати во САД за да присуствува на состанокот помеѓу водството на лигата и синдикатот на играчи.
Се очекува тој да добие работна дозвола и веќе следната н��дела да пристигне во Италија за медицинските тестови и да го потпише својот договор.
Сезоната во Италија треба да започне на 9 октомври кога Виртус Болоња ќе гостува во Рим, но можно е распоредот да претрпи измени откако неодамна Венеција беше додадена како 17-ти тим во лигата.
|