Победнички старт на Металург во Лигата на шампионите
Ракометарите на Металург со триумф стартуваа во Лигата на шампиони. Во С.Ц. "Борис Трајковски" во Скопје го поразија словенечки Цимос Копер со 28:23 во натпревар од првото коло на групата Ц.
Со цврста игра во одбраната избраниците на Лино Червар им дозволија на противничките ракометари да постигнат само седум гола во првото полувреме (15:7).
Во второто полувреме Копер полека почна да ја топи предноста од осум гола и на седум минути пред крај стигна до три гола негатива (21:18). Но во продолжението Металург не дозволи изненадување и со сигурна игра во нападот заслужено стигна до првите бодови во групата.
Еден од творците на победата беше голманот Станиќ со 15 одбрани, а Наумче Мојсоски, Младен Ракчевиќ и Филип Миркуловски постигнаа по пет гола. Кај гостинскиот тим Бојан Скоко беше стрелец на четири гола.
Следниот натпревар Металург го игра на 9 октомври на гости против тимот Санкт Петерсбург.