27.09.2011, 09:06 Македонија напредуваше 14 места на листата на ФИБА
По одличниот настап на Евробаскетот во Литванија, Македонската кошаркарска репрезентација забележа најголем раст на ранг-листата во светот.
По освоеното четврто место на Европското првенство во Литванија, Македонија обезбеди скок од цели 14 места, и се искачи на 33-то место во светот. Според ранг-листата во Европа, Македонија сега се наоѓа на 13-то место, веднаш зад Израел и пред Летонија.
Оваа ранг-листа на ФИБА (свет) се прави според резултатите на една земја во временски обем од два олимписки циклуси (осум години). Според системот на бодување, секоја освоена позиција на едно Светско првенство или на едни Олимписки игри се бодува пет пати повеќе отколку на едно Европско првенство.
Инаку, на врвот на светската листа и натаму останува САД, пред Шпанија, Аргентина и Грција. Нема промени ниту меѓу останатите тимови во првите 10, каде се наоѓаат уште Литванија, Турција, Италија, Србија, Австралија и Кина.
|