25.09.2011, 17:04 Батон ја одложи промоцијата на Фетел
Бранителот на титулата во Формула 1 победи и во Сингапур, но уште не е првак бидејќи Британецот од Мекларен заврши втор
Себастијан Фетел ја освои и Големата награда на Сингапур во Формула 1, но ќе мора да почека најмалку до следната трка во Јапонија за и теоретски да ја обезбеди одбраната на титулата. За одложувањето на промоцијата на старо-новиот шампион од Ред бул, кого сега го дели само еден бод од епитетот најмлад двократен првак во најпопуларниот брзински спорт, се погрижи Џенсон Батон со освоеното второ место во ноќната трка во азискиот град-држава. Разликата меѓу 24-годишниот Германец и сега второпласираниот Британец е 124 бода, а до крајот од сезоната останаа уште пет трки, што значи дека на располагање се уште 125 поени. Фетел би останал без круната само ако до крајот на сезоната не се најде меѓу освојувачите на поени во сите пет преостанати трки, а Батон триумфира во сите пет, со што би му ја украл титулата пред нос. Наредното гран-при е во Сузука на 9 октомври, по што следуваат Јужна Кореја на 16 октомври, инаугуралната трка во Индија на 30 октомври, Абу Даби на 13 ноември и Бразил на 27 ноември.
До својата деветта победа во досегашните 14 трки сезонава Фетел стигна со уште едно безгрешно возење по стартот од пол-позицијата. Предноста во однос на Батон беше и двоцифрена во поглед на секундите, но во финишот таа се сведе на конечни само 1,7 сек. Победничкиот пиедестал го комплетира тимскиот колега на Германецот, Марк Вебер, кој заостана 27,5 сек. зад првиот возач на Ред бул.
Фернандо Алонсо, кој во трката во Сингапур влезе како втор на табелата, со четвртото место и математички испадна од шампионската трка. Дури и да победи во сите пет трки до крајот од сезоната, а Фетел не освои ни бод, двократниот светски првак од Ферари нема да ја освои титулата. При таков расплет Шпанецот би имал ист број бодови (309) со Германецот, но и неспоредливо полош сооднос на победи, имајќи предвид дека возачот на Ферари победи само еднаш сезонава - во Силверстоун.
Пласман на ГН на Сингапур
1. Себастијан Фетел (Германија) Ред бул 1:59:06,757 ч.
2. Џенсон Батон (Велика Британија) Мекларен +1,737 сек.
3. Марк Вебер (Австралија) Ред бул +29,279 сек.
4. Фернандо Алонсо (Шпанија) Ферари +55,449 сек.
5. Луис Хамилтон (Велика Британија) Мекларен +1:07,766 мин.
6. Пол ди Реста (Велика Британија) Форс Индија +1:51,067 мин.
7. Нико Розберг (Германија) Мерцедес +1 круг
8. Адријан Зутил (Германија) Форс Индија +1 круг
9. Фелипе Маса (Бразил) Ферари +1 круг
10. Серхио Перез (Мексико) Заубер +1 круг
Пласман на останатите: 11. Малдонадо, 12. Буеми, 13. Барикело, 14. Кобајаши, 15. Сена, 16. Ковалаинен, 17. Петров, 18. Д'Амброзио, 19. Рикјардо и 20. Лиуци. Се откажаа: Алгерсуари, Трули, Шумахер и Глок.
Вкупен поредок, возачи: Фетел 309, Батон 185, Алонсо 184, Вебер 182, Хамилтон 168, Маса 84, Розберг 62, Шумахер 52, Петров 34, Хајдфелд 34, Зутил 28, Кобајаши 27, Ди Реста 20, Алгерсуари 16, Буеми 13, Перез 9, Барикело 4, Сена 2 и Малдонадо 1. Конструктори: Ред бул 491, Мекларен 353, Ферари 268, Мерцедес 114, Рено 70, Форс Индија 48, Заубер 36, Торо росо 29 и Вилијамс 5. |