23.09.2011, 16:25 Перо Антиќ две години во Олимпијакос
Роберт Димитриевски
Анадолу Ефес го претстави Илиевски, Самарџиски дебитира за Литвос Ритас
Не една, како што гласеше првата информација, туку две години Перо Антиќ ќе го носи дресот на грчки Олимпијакос. Иако капитенот на кошаркарската репрезентација на Македонија до завчера демантираше дека потпишал за поранешниот европски шампион, од вчера тој и официјално е член на клубот од атинското предградие Пиреја. Игрите на 29-годишниот крилен центар на Европското првенство во Литванија, каде што оствари просек од 11,6 коша и 8,5 скока по натпревар, го натераа грчкиот кошаркарски гигант да го ангажира Македонецот на двојно подолг рок. За неговите услуги беа заинтересирани и шпанските екипи Хувентуд, Уникаха и Каха Лаборал.
Антиќ, кој во минатата сезона настапуваше во Русија за Спартак од Санкт Петербург, стана седмо засилување за Олимпијакос за новата сезона. Покрај него, за екипата што ја тренира српскиот селектор Душан Ивковиќ, потпишаа и Американците Кајл Хинс, Калин Лукас и Мет Хауард, Литванецот Мартинас Гечевичиус и Гркот Лазарос Пападопулос, а во тимот се врати зајмениот играч Константинос Слукас.
Во новата сезона во нова средина ��е игра и Владо Илиевски, кој им беше претставен на навивачите на Анадолу Ефес во рамките на прославата на 35-годишнината од основањето на клубот. Од македонските кошаркарски херои нема одмор ниту за центарот Предраг Самарџиски, кој дебитира со девет поени за Литвос Ритас во пријателската средба со Спиру во арената „Сименс“ во Вилнус, која неговиот тим ја доби со 70:61.
|