25.09.2011, 11:47 Барселона и Реал ја демонстрираа силата
Шпанскиот шампион Барселона со 5:0 го торпедираше Атлетико Мадрид, додека во мадридското дерби, Реал, иако повеќе од половина час играше со фудбалер помалку по исклучувањето на Ди Марија, го искали бесот над Рајо Ваљекано со 6:2, со што стави крај на мини-кризата во која се наоѓаше.
Двете најголеми ѕвезди во редовите на лутите ривали, Лионел Меси и Кристијано Роналдо се најзаслужни за убедливите победи на своите тимови, постигнувајќи хет-трик.
- Морам да се заблагодарам и да им честитам на соиграчите. Покажавме дека кога играме добро, едноставно уживаме во нашиот фудбал. Без разлика на резултатот, ова беше тежок меч, бидејќи Атлетико има одличен тим. Имавме респект кон гостите од Мадрид, но откако го постигнавме првиот погодок ни тргна и потоа бевме незапирливи – изјави Меси.
Гол–шоуто на „Камп Ноу“ го започна Давид Вилја (9’), а со автоголот на Миранда Каталонците поведоа со 2-0 шест минути подоцна. Потоа феноменалниот Меси ги презема работите во своите раце постигнувајќи три гола (26’, 78’ и 90’).
Рајо Ваљекано го шокираше „Сантијаго Бернабеу“ откако преку Мичу уште во 16. секунда поведе против Реал Мадрид. Сепак, крајот на проблемите за „кралевите“ го најави Кристијано Роналдо, кој ја започна и ја заврши канонадата против градскиот ривал (39’, 51 пен, 84’ пен). Во листата на стрелци се запишаа и Игуаин (45’), Варане (67’) и Бензема (73’), додека Мичу постигна уште еден гол (55’), но тоа беше се што можеа да сторат гостите.
Во преостанатите два меча од 5. коло во шпанската Примера дивисион, Атлетик Билбао и Вилјареал ремизираа 1-1, додека Севилја славеше над Валенсија со 1-0.
|