02.10.2011, 14:04 Наполи го декласираше Интер на Џузепе Меаца
Тимот од „Сан Паоло" славеше на теренот на „нероазурите" со 3:0 во дербито на 5. коло во Серија А, Пандев стартер за наполитанците
Фудбалерите на Наполи "протрчаа" крај колегите од Интер среде Милано и триумфираа со 3:0 во дербито на петтото коло во италијанската Серија А. Нашиот Горан Пандев беше стартер во составот од Неапол и одигра 51 минута против својот поранешен клуб, за неговиот тренер, Валтер Мацари, трите бода се заслужени во целост. Наедно, тој признава дека го доби најубавиот подарок за јубилејниот 50. роденден. Победникот беше решен во второто полувреме, а врз конечниот исход во голема мера влијаеше и исклучувањето на Оби во првиот дел (41. минута). Кампањаро погоди во 43. минута откако Хамшик не погоди од белата точка, Маџо во 57. минута зголеми на 2:0, а словачкиот репрезентатовец се извади за нереализираниот пенал со погодок во 75. минута за конечни 3:0.
"Им благодарам на играчите за најубавиот можен подарок", рече по мечот Мацари.
"Мислам дека одигравме навистина добро и дека ја заслуживме победата". продолжи стратегот на наполитанците.
Пред медиумите се осврна и на спорниот пенал по кој неговата екипа обезбеди водство.
"Н�� добивме чист пенал против Фиорентина во минатото коло, но свесен сум дека низ сезоната се случуваат грешки", е неговото мислење по што следуваше и куса анализа на тимот што го предводи: "Сметам дека екипата доста напредуваше во оваа сезона и дека многу има повеќе карактер. Исто така, видлив е брз прогрес и кај некои млади играчи кои наскоро ќе станат зрели фудбалери".
Наполи барем на 24 часа го презеде врвот во италијанската Серија А (вчера попладне и вечер се играа останатите дуели од ова коло), па логично беше и прашањето за борбата за титула за тренерот на тимот од "Сан Паоло".
"Скудето? Ние ќе одиме меч по меч", заврши Мацари.
Серија А, 5. коло
Резултати: Интер - Наполи 0:3, Рома - Аталанта 3:1. Табела: Наполи 10, Јувентус 8 (-1), Удинезе 8 (-1), Рома 8, Џенова 7 (-1), Фиорентина 7 (-1), итн...
Камбијасо: Кога судијата е централна фигура, фудбалот е уништен
Поразот од Наполи внесе немир кај "нероазурите", кои не се дотолку незадоволни од својата игра колку од судењето. Аргентинецот Камбијасо жали што е уништен добар меч на таков начин и додава дека е тешко да остане мирен по ситуација како саботната на "Џузепе Меаца". Спорните судиски одлуки придонесоа за трите бода да завршат на контото на наполитанците е мислењето на најголем дел од играчите на Интер. За нив црвениот картон на Оби и спорниот пенал беа пресвртница во натпреварот.
"Малку загубивме глава по таа ситуација. Иако знам дека не би смеел да зборувам за тоа, сепак, морам да кажам дека бевме оштетени и против Палермо и против Новара. Разочарани сме. Се' беше подготвено за голем меч. Двете екипи играа добро, но кога судијата е централна фигура, тогаш фудбалот е уништен", се зборовите на Камбијасо, чија екипа сега е на 16 позиција на табелата во Калчолигата.
|