25.09.2011, 14:47 Макау нов светски рекордер во маратон
Кениецот во Берлин истрча 2:03,38 ч. и го подобри рекордот на Гебрселасие за 21 секунда
Кениецот Патрик Макау вчера го подобри светскиот рекорд во маратон за 21 секунда на брзата и рамна патека во Берлин, каде што во жешкото и сончево утро истрча време од 2:03,38 часа. Макау трчаше сам во последните 12 километри и го урна рекордот од 2:03,59 ч. што Етиопјанецот Хајле Гебрселасие го постави на истата патека пред три години. Ова е петти пат да паѓа светски рекорд во машка конкуренција на патеката долга 42,195 км низ центарот на германскиот главен град.
Кениецот стар 26 години победи на Берлинскиот маратон и минатата година, а во Лондон годинава заврши трет откако падна по истрчани 22 км. Досегашниот најдобар резултат во најтешката атлетска дисциплина на поранешниот полумаратонец, кој границата од 60 минути ја уриваше рекордни осум пати, беше 2:04,48 ч. истрчани лани во Ротердам.
„Можам да кажам дека ова е почеток на нова генерација во маратонското трчање“, изјави Макау по трката. „Ова е најголемиот ден во мојата тркачка кариера. Кога се разбудив утрото моето тело не се чувствуваше многу добро, но по 25 км почувствував дека би можел да го соборам светскиот рекорд“.
Неговата сонародничка Флоренс Киплагат, светска шампионка во полумаратон, победи кај дамите со 2:19,44 ч. во нејзиниот прв комплетиран маратон. Киплагат и светската рекордерка Пола Редклиф, која го истрча својот прв маратон по освојувањето на четвртото место во Њујорк пред две години, поведоа во почетокот од трката, но брзо им се приклучи двократната победничка во Берлин, Ирина Микитенко од Германија. По 17 км Киплагат почна да и' бега на Британката и на половина од трката имаше предност од 19 секунди. Микитенко ја престигна Редклиф, завршувајќи втора со 2:22,18 ч., а Редклиф мораше да се задоволи со третото место со 2:23,46 ч., но со повеќе од исполнета британска квалификациска норма за Олимпијадата во Лондон в година.
Киплагат, која не успеа да го заврши својот единствен претходен маратон во Бостон годинава, изјави дека не и' пречеле 22. Целзиусови степени.
„Би била воодушевена кога би можела да учествувам на олимпискиот маратон“, изјави таа.
Редклиф, чии што подготовки беа нарушени со проблемите со грбот и со тироидната жлезда, изјави дека 2011 била тешка година за неа.
„Ако ништо друго, ја исполнив олимписката норма. Сега морам да поработам на времето за Лондон“, беа нејзините зборови по влегувањето на целта.
Гебрселасие, кој има четири триумфа на Берлинскиот маратон, ја предводеше водечката група до 27. км, но подзастана поради очигледна болка. Два пати во текот на една минута се обидуваше да ја продолжи трката, но на крајот се откажа.
Пејсмејкерот Стефан Квелио реши да не се повлече од трката и за таа одлука беше награден со второто место, завршувајќи пред неговите кениски сонародници Едвин Кимајо и Феликс Лимо.
|