30.09.2011, 15:34 Васоски се договори со црвено-црните
Поранешниот фудбалски репрезентативец на Македонија, Александар Васоски е новото засилување на Вардар
Триесет и едногодишниот одбранбен играч и најтрофејниот македонски клуб постигнаа начелна согласност тој да го носи „црвено-црниот“ дрес оваа сезона. Како што изјави за МИА претседателот на Вардар, Зоран Шишковски, новото засилување на тренинзи со екипата ќе се појави од недела, ден по одигрувањето на дербито со Шкендија.
Право на настап во вардаровиот тим Васоски ќе има по добивањето на сертификатот од неговиот поранешен клуб Кавала (Грција). Грчкиот тим кој најави борба за висок пласман оваа сезона, пред почетокот на првенството беше казнет од УЕФА поради местење натпревар и беше префрлен во Четвртата грчка лига. По ваквата одлука Васоски стана слободен играч и реши да се врати во, како што изјави, единствениот македонски клуб за кој би играл до завршување на кариерата, а тоа е Вардар.
Доколку во следните 30 дена Кавала не одговори на барањето на Вардар за достава на сертификатот, тогаш Васоски ќе може по автоматизам да игра во македонското првенство според пропозициите на УЕФА.
|