26.09.2011, 20:16 Гечевски нов кошаркар на Левски
Македонскиот кошаркарски репрезентативец Тодор Гечевски следната сезона ќе го носи дресот на бугарскиот прволигаш Левски.
Трансферот на кавадарчанецот го потврдил и тренерот на „сините“, Констатин Папазов, во изјава за бугарските медиуми. „Нов член на нашиот тим ќе биде една од ѕвездите на македонската кошаркарска репрезентација, Тодор Гечевски“, изјави Папазов за „Гонг“. „Тој има лесна повреда на зглобот на левата рака и се надеваме дека ќе биде подготвен за стартот на новата сезона и натпреварот со Лукоил“, додаде тренерот на Левски.
Гечевски одигра шест натпревари за македонската кошаркарска репрезентација на Евробаскетот во Литванија и имаше просек од 9 поени и 4,3 скока по натпревар. Центарот го пропушти првиот натпревар на турнирот против Црна Гора, а потоа се повреди за време на натпреварот против Словенија во втората фаза.
Кошаркарот, кој има 34 години, беше еден од клучните играчи во составот на Марин Докузовски, а во текот на својата професионална кариера ги бранеше боите на Кавадарци, Гостивар, потоа МЗТ и Работнички, а од странските клубови беше член на Аир Авелино, Бранд Хаген, Задар и ПАОК.
|