26.09.2011, 14:37 Судиите во Прилеп биле тепани и во соблекувалната
По прекинот на мечот меѓу 11 Октомври и Ренова најлошо поминал помошникот Кировски, но бил удрен и главниот судија Ставрев.
Прекинот на првенствената фудбалска средба меѓу 11 Октомври и Ренова во 78. минута поради физички напад врз помошниот судија Марјан Кировски од страна не само на неслужбени лица, туку и од членови на Управниот одбор на прилепскиот прволигаш, имаше продолжение и во тунелот на излегувањето од теренот, како и во судиската соблекувална. Во фамозната 78. мин., на интервенцвија на помошникот Кировски, главниот судија Александар Ставрев го поништи голот на Ташевски. Со оглед на тоа дека Ставрев поништи погодок за домашните и во 59. мин., повторно по интервенција на Кировски, кој сигнализираше дека Обрадовиќ се најде во недозволена позиција кога ја затресе мрежата на Елези, тоа како да беше сигнал за физички напад прво врз помошникот, а подоцна пред влезот на соблекувалните и врз главниот судија и врз вториот помошник Александар Димовски.
Како што дознаваме, меѓу лицата што почнале да го удираат Кировски биле и членовите на УО на 11 Октомври, поранешниот фудбалер на Победа и на македонската репрезентација Марјан Стојковски-Манта, кој во протоколот е запишан како официјален претставник на клубот, како и браќата Сашо и Дарко Ивановски. Ним им се придружиле и десетина неслужбени лица, кои го удирале Кировски каде што ќе стигнеле. (М.М.)
|