26.09.2011, 12:08 Младите не знаат многу за контрацепција
Младите ширум светот имаат незаштитен секс и не знаат многу за контрацепцијата, покажа меѓународната студија објавена денеска, изработена за светскиот Ден на контрацепцијата.
Во студијата се наведува дека бројот на младите кои со нов партнер имаат незаштитен секс се зголемил за 111 проценти во Франција, за 39 отсто во САД и за 19 проценти во Велика Британија во изминатите три години.
- Независно каде живеете, постојат бариери кои ги спречуваат тинејџерите да дојдат до точни податоци за сексот и контрацепцијата поради што и ден денеска митовите и заблудите се широко распространети, изјави една од авторите на студијата, Денис Келер.
- Многу е важно точните и непристрасните информации да бидат лесно достапни за младите, додаде таа.
Во истражувањето, кое е изработено по нарачка на фармацевтската куќа „Бајер“, учествувале 11 меѓународни невладини организации, како и повеќе од шест млади од 26 земји вклучувајќи ги Чиле, Полска и Кина.
Бројот на непланираната бременост меѓу младите е големо светско прашање, велат експертите, а порасот на незаштитениот секс во одредени земји предизвика загриженост за квалитетот на сексуалното образование, кое им е достапно на младите.
Во Европа половина од испитаниците имале сексуално образование во училиштето, за разлика од три четвртини во Латинска Америка, Азија и САД.
Многумина од испитаниците исто така изјавиле дека им е многу непријатно да бараат од лекарот средства за контрацепција.
- Тоа што младите ни го зборуваат е дека не добиваат доволно сексусално образование или дека добиваат погрешни информации за сексот и сексуалноста, рече портпаролот на Меѓународната федерација за планирање семејство Џенифер Вудсајд.
- Резултатите покажуваат и дека младите на знаат многу за сексуалното здравје, им е непријатно да бараат контрацепција или не научиле како да разговараат за контрацепција со партнерите за да се заштитат од несакана бременост или сексуално преносливи болести, наведе Вудсајд.
Повеќе од една третина од испитаници во Египет веруваат дека бањањето или туширањето после сексот ја спречува беременоста, а повеќе од една четвртина од оние во Тајланд и Индија веруваат дека сексот во текот на месечниот циклус е ефикасна форма за заштита од бременост.
Вудсајд меѓутоа смета дека не треба толку да чудат фактите дека младите имаат незаштитен секс.
- Како младите луѓе можат да донесат одлука кои се добри за нив и ги штитат од несакана бременост и сексуално преносливи болести, ако немаат вештини потребни за донесување на такви одлуки, рече таа.
|