26.09.2011, 15:32 Волерс: Не очекувам брзо решение на името
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија Бранко Црвенковски денеска оствари средба со Амбасадорот на САД во Република Македонија, Н.Е. г-дин Пол Волерс.
На прашањето дали по говорот на премиерот во ОН во Њујорк амбасадорот смета дека има шанси за брзо решавање на проблемот со името, Волерс изјави дека не очекува решението да биде брзо.
“Како што претходно имам речено, не мислам дека решението ќе биде брзо. Тоа е нешто на кое треба да работиме. Тој ја престави својата позиција. Но, многу од тоа што се случува во врска со прашањето со името не се прави преку јавни изјави, туку се прави во многу поприватни ситуации. Понекогаш разликата меѓу јавните изјави и приватните изјави, на што и да се однесуваат тие, на било какво прашање, е дека вообичаено не се прават јавно. Ќе продолжиме да работиме на тоа прашање и се надевам дека ќе бидеме во можност да помогнеме“, рече Волерс.
Црвенковски упати честитки за новата функција на амбасадорот Волерс и изрази уверување дека во рамките на неговиот мандат ќе бидат исполнети поставените цели.
Двајцата соговорници разговараа и за актуелните состојби во државата, при што Црвенковски изрази загриженост во однос на слободата на медиумите, независноста на судството и партизираната администрација, со што директно се заг��озуваат демократските критериуми во земјата.
Во однос на прашањето за евро-атлантските интеграции, Црвенковски го повтори ставот на партијата и додаде дека СДСМ е подготвена да даде максимален придонес во остварувањето на тие стратешки цели.
Амбасадорот Волерс истакна дека неговата земја ја поддржува улогата на опозицијата и додаде дека цврстата опозиција е исклучително важна во остварувањето на демократските процеси во секоја земја, вклучително и во Република Македонија.
|