14.09.2012, 18:03 Рецесија - Знаевме дека ја има, ама, сепак, боли
Итен ребаланс и кратење на трошоците, особено непотребните, мерки за социјалата и раздолжување кон компаниите, сугерираат експертите, Владата и ССМ молчат
Нина Нинеска-Фиданоска
Државните статистичари вчера само официјално го потврдија она што им беше јасно дури и на малите деца, дека Македонија е во рецесија. Најновиот податок за бруто домашниот производ за вториот квартал од годинава покажува дека тој бил во зоната на негативата и изнесувал минус 0,9 отсто.
Тоа е втор квартал едноподруго да паѓа македонската економија откако и во првото тримесечје се намали за 1,3 проценти, што значи дека во земјата се исполнети сите услови за прогласување рецесија. Во вториот квартал паѓале најголем дел од секторите, а највисок минус од дури 6,9 проценти е регистриран во рударството, индустријата и снабдувањето со струја. По него следува градежништвото (кое своевремено, во ерата на процутот на „Скопје 2014“, беше главен двигател на економскиот развој со фантастични стапки на раст), а сега паднало за „добри“ 5,1 отсто.
Експертите упатуваат дека во државава е запален црвениот аларм за тревога, иако велат дека и Владата, и бизнисот одамна знаеја дека сме во рецесија. Тоа би значело дека токму од денес не може да се очекуваат некои драматични владини потези, со оглед што извесни мерки, како што беа оние за спас на металургијата и слични, веќе беа промовирани од владиниот кабинет. Но, стручњаците сугерираат дека и во наредниот период не' очекуваат многу тешки економски времиња, па власта сега мора да води многу мудра политика, во смисла на правење нов ребаланс и значајно кратење на трошоците, како и брзо враќање на обврските кон компаниите, со цел барем малку да го „подигне“ бизнис-секторот.
„Утрински весник“ и вчера бараше коментар од министерот за финансии, Зоран Ставрески, за тоа како власта го доживува официјалниот влез во рецесија и дали и какви мерки ќе преземе, како и дали ќе следува ребаланс. Но, одговор не добивме до затворањето на весникот.
Со оглед на тоа што рецесијата е сигурен пат за отпуштање работници, што веќе и се случува или се најавува во некои од компаниите, очекувавме дури и сам да се огласи Сојузот на синдикатите на Македонија. Откако не се случи тоа, побаравме став од првиот човек на ССМ, Живко Митревски. „На состанок сум, прво да ги видам информациите, па ќе имаме став“, рече Митревски, а кога го прашавме кога да го бараме, ни рече дека тој ќе не' побара нас и го исклучи телефонот.
Реагираа единствено бизнисот и експертите. Во Стопанската комора на Македонија велат дека од поодамна ја најавиле рецесијата. „Македонската економија сега и официјално е во рецесија, која СКМ ја најави уште пред два месеца, врз основа на изнесените состојби и деловни тенденции од нашите членки. Добиените сознанија од стопанствениците, како најреални поради фактот што доаѓаат од директните учесници во стопанските текови, беа основа уште во средината на јуни да сугерираме итна средба на економската, монетарната власт и бизнис-заедницата, заради детектирање конкретни мерки за ублажување на негативните ефекти од кризата“, велат од Комората и додаваат дека во меѓувреме, согласно со нивниот апел, биле донесени неколку значајни мерки за подобрување на клучните сектори за економијата. Бил донесен пакетот антикризни мерки за металуршкиот сектор, станала оперативна новата транша од 100 милиони евра од ЕИБ, како и докапитализацијата на МБПР со 10,7 милиони евра.
„УО на СКМ, на последната седница одржана неодамна, констатира дека покрај намалената побарувачка од странство и потрошувачка на домашниот пазар, најголем проблем е неликвидноста и високата задолженост на правните субјекти, поради што ја потенцира потребата од секојдневна комуникација и соработка со Владата, во функција на соодветни решенија на тој план“, потенцираат од Комората.
Како се движеле одделните економски сектори? Големиот минус од 6,9 отсто во секторот рударство и вадење камен, преработувачка индустрија и снабдување се електрична енергија, гас и вода, следува откако во првиот квартал имало уште поголем пад, од 9,6 отсто. Негативата во градежништвото од 5,1 отсто доаѓа исто така по поголем пад во првото тримесечје од 9,8 отсто. Кај сообраќајот и врските, пак, кои во вториот квартал се намалиле за три отсто, треба да се забележи дека во првиот биле подобри и имале раст од 1,4 проценти. Трговијата исто така, иако во првото тримесечје имала минорен раст, во вториот доживува минус од 2,2 проценти. Еден од ретките сектори што растеле во второто тримесечје е финансиското посредување, со раст од 3,8 отсто, слично како и 3 проценти раст во првиот квартал, што покажува дека банките топ не ги бие ни во време на криза. Пораст имало и земјоделството, од 2,4 отсто, откако во првиот квартал имало пад од 0,1 процент. Финалната потрошувачка на домаќинствата номинално пораснала за 2,2 отсто, а нејзиното учество во структурата на БДП е 79,2 отсто. Статистика јави и дека извозот паднал во номинален износ за 4,2 отсто, а увозот пораснал за 4,5 проценти.
Универзитетскиот професор Мирољуб Шукаров, кој завчера за нашиот весник практично го предвиде овој негативен резултат, сега вели дека Статистика само ја потврди реалноста, која веќе беше извесна.
„Веќе нема никакви изгледи годинава растот на економијата да биде 2,5 отсто, како што прогнозира Владата во ребалансот на буџетот. Приликите не се воопшто такви да очекуваме подобрување за второто полугодие. Третиот квартал веќе поминува и се гледа дека параметрите не се поволни, а нема ни јасен сигнал дека работите ќе тргнат напред. И порано велев дека оваа година ќе ја дочекаме со раст околу нулата“, објаснува професорот.
Според него, дури и да сака, прашање е како Владата сега би правела ребаланс, кога договорите за трошење се веќе потпишани. „Сега треба или да се зголеми буџетскиот дефицит до над 3 отсто од БДП, или тековно кратење на расходите, како што се платите на административците, што е многу непопуларна мерка. Капиталните инвестиции сигурно ќе бидат први на удар. Значи, сега да не си и' во кожата на Владата. Таа ќе мора да оди на индиректни мерки, како што е прибирање средства од казни и слични извори“, вели Шукаров.
Професорот Шукаров смета дека Владата треба да излезе и пред јавноста да објасни како ќе се однесува понатаму. „Сега сигурно Владата треба да води паметна политика. Една од мерките, секако, е да се раздолжи кон компаниите и по основ на ДДВ, за колку толку да се поттикне економијата, иако тоа ќе има одложен ефект. Исто така, треба да се преземат мерки на социјален план“, сугерира Шукаров.
Ванчо Узунов, универзитетски професор, вели дека не очекува оти Владата нешто ќе преземе, бидејќи таа и досега знаела дека сме во рецесија, па не ги презела потребните мерки.
„Се знае што треба да преземе власта, ние веќе две години го повторуваме тоа. Итно кратење на непотребните трошоци, интервенции кај цените на битните производи, пред се', кај енергенсите, за да се спречи натамошен пораст на сиромаштијата и, воопшто, да размислува за секој денар што ќе го потроши“, вели Узунов. Дали е неопходен ребаланс, тој потенцира дека ние сме во рецесија, а буџетот е проектиран на претпоставки за експанзија, што значи оти се разбира дека треба да се случи корекција на државната каса. Според него, најверојатно, и третиот квартал ќе биде негативен. „За да се оствари проекцијата од 2,5 отсто раст за годинава, би требало да имаме огромни стапки на раст во третиот и четвртиот квартал, а нема да се случи тоа“, смета Узунов. Влијателниот магазин од Лондон „Економист“ во своите последни преокции за Македонија ја намали прогнозата за економскиот раст. Според „Економист“ македонската економија годинава може да порасне најмногу 1,2 отсто. |