18.09.2009, 17:39 Поглед
Има ли лек за аптекарите
Снежана Калабакова
Остана ли нешто недопрено од долгата македонска транзиција, ако и „Градски аптеки“ ставија клуч на врата. Вработените веќе седум месеци не примиле плата и без денар в џеб дојдоа на работ на својата егзистенција. Рафтовите на аптеките останаа речиси празни, пациентите неуслужени, а белите мантили поцрвенеа од срам поради она што им се случува. Правната држава не функционира, а разврската на случајот „Градски аптеки“ остана заплеткана во правните лавиринти.
Двајцата содружници во уделите на „Градски аптеки“, се чини, нема и не можат да најдат заеднички јазик да го решат проблемот, да ги исплатат вработените и да ги наполнат аптеките. Така ќе го решат случајот и во полза на вработените и во полза на пациентите, кои го извлекуваат подебелиот крај поради нивното несогласување. Двајцата ја преминаа границата на добро однесување, кога дозволија јавно да се навредуваат и меѓусебно да се напаѓаат. Вулгарниот однос што беше манифестиран на недоличен начин го демонстрираа на завчерашните вести на телевизијата А1.
Наместо да одговорат на поставените прашања на новинарката, која со крајни напори се обидуваше да дојде до збор, тие освен што рекоа дека им е жал што им се случува ова на вработените, не искажаа волја за решение.
Уште еднаш, по минатиот вулгарен дуел на состанокот на Управниот одбор на „Градски аптеки“, ја покажаа огромната нетрпеливост еден спрема друг. Ова е само доказ дека влегувањето на приватизацијата во рамките на брендот каков што беше „Градски аптеки“ оди во правец на неговото уништување, наместо да се продолжи со развој. Мотив очигледно е борбата за превласт и, секако, поголема финансиска моќ. И додека едните се стремат да направат повеќе пари, вработените останаа без гола егзистенција. |