Роналдињо за 20 милиони евра оди во Милан!
Бразилецот во петокот не ни тренираше со Каталонците
Претседателот на Милан Силвио Берлускони потврди дека неговиот тим ги почнал преговорите со ѕвездата на Барселона, Роналдињо! Бразилецот во петокот не ни тренираше со Каталонците, а проструи информација дека поради повредата на мускулот нема да игра до крајот на сезоната.
Но, добро упатените велат дека ситуацијата конечно е јасна. Повредата е само алиби за кавгата меѓу Рајкард и Роналдињо, поради која Бразилецот не играше последниве недели. Епилогот на тоа е дека Кака и Пато добиваат ново бразилско друштво.
„Дали ќе го доведеме Роналдињо. Се надевам. Ќе направиме се' да го купиме. Слушам коментари од типот дека Кака Пато и Роналдињо не може да играат заедно. Тоа се глупости, бидејќи се различни играчи. Многумина велеа дека не може да играат заедно ниту Ривалдо, Сидорф, Руи Кошта и Пирло. Мислам дека Милан докажа дека сите може да бидат заедно на теренот“, изјави Берлускони. Инаку, пред три дена братот на Роналдињо Роберто де Азис е снимен во еден ресторан во Милано како доаѓа на состанок со потпретседателот Адријано Галијани.
Шпанската „Марка“ тврди дека е договорена и цената од 20 милиони евра, пари со кои Милан го победи Интер во трката за 28 годишниот Бразилец. Интер се надеваше дека спонзорот „Најк“ чија опрема ја носат и фудбалерите на Интер и бразилската репрезентација ќе ја реши работата, но очигледно се излажал.
Рома му дише во врат на Интер
Даниеле де Роси со голот од пенал во 80 минута на Рома му донесе три големи бода против Џенова 3:2, успевајќи да ја намали разликата во однос на Интер на само бод. „Нероаѕурите“ вчера и гостуваа на Аталанта. Инаку, Рома водеше со 2:0, но дозволи Џенова во само две минути во вториот дел да израмни на 2:2. Потоа следеше среќната завршница за римјаните. Во вториот саботен меч Милан конечно победи. Падна Калјари 3:1. Головите ги постигнаа Кака и два Филипо Инзаги.
Мајорка заслужено му зеде бодови на Реал Мадрид
Мајорка продолжи со добрите игри, но не успеа до крај да ја искор��сти доминацијата и бројната предност во вториот дел со Реал Мадрид, па мораше да се задоволи со бод 1:1. Овој резултат им годеше на Вилјареал и на Барселона, кои вчера ги играа своите натпревари. Реал М. беше на ниво само во првиот дел кога со голот на Робен поведе со 1:0. Но, во вториот дел тотален пад. Мајорка беше многу поопасна и дојде до израмнување преку Борху шест минути по престрого досудениот втор жолт картон на Рамос.
Во вториот натпревар Осасуна загуби од Хуелва 0:1.
Тотенхем бара 40 милиони фунти за Бербатов
Раководството на Тотенхем постави трансферна цена за својата најголема ѕвезда Димитар Бербатов од 40 милиони фунти. Менаџерот на клубот, Хуанде Рамос сака по секоја цена да го задржи Бугаринот, па затоа и е одредена вака висока цена. Се претпоставува дека толку пари нема да извадат ниту гигантите Јунајтед, Милан, Реал М. и Интер кои се заинтересирани за Бербатов. |