Триумф на Серена Вилијамс во Мајами
Американката Серена Вилијамс е победничка на силниот ВТА тениски турнир во мајами. Помладата од сестрите Вилијамс во финалето славеше против Србинката Јелена Јанковиќ со 6:1, 5:7 и 6:3 што е нејзин петти наслов во Мајами.
Серена Вилијамс извонредно го отвори финалниот меч и го доби првиот сет со 6:1, но во вториот Јелена Јанковиќ успеа да се врати и со 7:5 да израмни на 1:1. Во третиот сет Серена Вилијамс повторно тргна извонредно и поведе со 5:0. Јанковиќ успеа да ги добие наредните три гема, но не успеа да ја спаси осмата меч-топка и Серена Вилијамс успеа да го одбрани насловот во Мајами.
Серена Вилијамс го освојуваше Мајами во 2002, 03, 04 и 07 и со вчерашниот петти триумф успеа да се израмни со легендарната германка Штефи Граф, како најуспешна тенисерка на овој турнир. За Серена Вилијамс ова е јубилеен 30. наслов во кариерата.
Во финалето на АТП турнирот од Мастерс серијата, која се игра за награден фонд од 3,77 милиони американски долари, доцна синоќа играа Рафаел Надал и Николај Давиденко. Надал и Давиденко во полуфиналето со ист резултат, 7:6 и 6:2, славеа против Чехот Томаш Бердих, односно Американецот Енди Родик. |