Русевски победник во Фраскати
Репрезентацијата од денеска во полн состав пред дуелот со Холандија
По серијата лоши настапи и елиминации на стартот или во второто коло во поединечна конкуренција од почетокот на годинава, најдобриот македонски тенисер Предраг Русевски го освои фјучерсот во Фраскати, Италија, што е добар знак пред претстојниот натпревар со Холандија во Дејвис купот. Русевски, кој турнирот од 10.000 американски долари во предградието на Рим го почна како втор носител и 250. на АТП-листата во сингл, во финалето славеше во три сета против домашниот квалификант Џулио ди Мео (836.) и побрза да го фати авионот за Скопје. Популарниот Пецко го победи Италијанецот со 6-3, 4-6, 6-1, а на патот до финалето ги „нанижа“ и Карлос Авелјан (450.) од Еквадор со 3-6, 6-1, 7-5, потоа Аргентинците Џонатан Гонзалија (424.) со 6-3, 6-4, Антонио Пасторино (426.) со 3-6, 6-1, 7-5 и во полуфиналето осмиот носител Алехандро Фабри (377.) со 6-3, 6-3.
Русевски и неговиот репрезентативен колега Лазар Магдинчев на истиот турнир, на кој беа први носители во двојки, стигнаа до полуфиналето. Таму загубија со 6-3, 6-0 од третите носители Гонзалија и Хуан Пабло Вилјар од Аргентина, по што Магдинчев веднаш се врати во Скопје за да им се приклучи на подготовките за дуелот со „лалињата“ на терените на Југ што почнува в петок.
Синоќа од Хрватска се очекуваше да пристигне и Томислав Јотовски, кој против Летонија во февруари дебитира во Дејвис купот. Јотовски, кој како 15. носител и 96. на ИТФ-листата, дотурка до полуфиналето на турнирот за тенисери до 18 години „Перин меморијал“ во Умаг, каде што беше поразен со 3-6, 6-2, 6-0 од петтиот носител, домашниот претставник Марин Драгања (62.).
Илија Мартиноски мината среда прв ги почна тренинзите со капитенот на Дејвис куп тимот на Македонија, Дејан Маринковиќ. (Р.Д.) |