Ем фудбал без пари ем нема гледачи
Во бледа игра, пред празните трибини, Работнички Кометал го победи Силекс со 1:0 (1:0)
Миодраг Мицковиќ
Жално изгледаше во саботата попладне Јужната трибина на Градскиот стадион во Скопје на мечот меѓу Работнички Кометал и Силекс, кој некогаш беше дерби, а во годинашново првенство далеку од тоа. Иако влезот беше бесплатен, вратите на стадионот ширум отворени, оние малубројни гледачи можеа на прсти да се пребројат. Ако не ги сметаме дваесеттината навивачи на Работнички Кометал, на трибините имаше педесетина, меѓу нив ги сметаме и новинарите, службените лица, камермани и неколку членови на управите на двата тима. И тоа беше се'. Жално за денешниот македонски фудбал. Па и тие што присуствуваа на натпреварот сигурно ќе жалат за загубеното време бидејќи речиси ништо не видоа. Беше тоа здодевен фудбал, без шанси, без игра. Ако не беше големата грешка на гостинскиот голман Костуранов во 29 минута, немаше да го видиме ниту тој единствениот погодок што го постигна Ѓошевски. И тоа беше единствената шанса што ја имаше Работнички Кометал на овој натпревар. Не, сигурно не грешиме, ниту едно возбудување пред голот на Силекс, ништо.
Од друга страна, само две шанси за напаѓачите на Силекс, една што им ја подготви несмасната интервенција на голманот Пачовски кој промаши цела топка, за среќа неговата грешка ја исправи Лукман во 89 минута кога ја исфрли топката од самата гол линија, втората во 33 минута кога Глигоров упати вистински проектил кон голот на „романтичарите“, но Пачовски одлично интервенираше. За негова среќа, на одбиената топка немаше кој од Силекс да ја прифати и да ја упати во празниот гол. И тоа беше се' што видовме за 90 минути на средбата, меѓу сигурно новиот шампион на Македонија Работнички Кометал и тимот, на кого му се заканува учество во баражот за опстанок во лигата - Силекс.
Главниот судија Александар Ставрев солиден, повеќе работа имаше со превиткувањата на теренот, играчите многу често лежеа на тревата отколку што имаше некои посериозни акции.
Работнички Кометал - Силекс 1:0
Градски стадион. Гледачи 50. Судија Александар Ставрев. Стрелец: Ѓошевски во 29 м. Жолти картони: Јанчевски и Демири (Р).
Работнички Кометал: Пачовски, Станишиќ, Ѓошев, Велковски, (Јанчевски) Неџипи (Османи), Лазаревски, Ковачевиќ, Милисављевиќ (Аксентиев) Лукман, Демири и Масев.
Силекс: Костуранов, Глигоров, Штерјовски, Лескаровски, Џангаровски, Мицков, Ангеловски (Трајчев), Дивјак, Ристиќ (Натков), Ступиќ, Муса (Марковски).
|