Охриѓани го добија трилерот во Градски парк
Амак СП во продолженијата прв пат го совлада Фершпед Работнички во Скопје - 94:90
АМАК СП извојува многу важна победа над Фершпед Работнички во трилерот со продолженија во „Градски парк“ 94:90. Тоа наедно беше и негова прва победа како гостин кај најтрофејниот македонски клуб. Кошаркарите на Игор Гацов водеа во поголем дел од натпреварот, а главен креатор на играта, но и на резултатот беше Војдан Стојановски, кој реализра пет тројки во седум обида, а на крајот заврши со 27 поени. Покрај него најефикасни кај охриѓани беа Фрај со 20 и О' Нил со 22 коша. Најголемата предност Амак ја имаше во третата четвртина - 11 поени разлика, но „шпедитерите“ водени од расположениот Мираковски (постигна вкупно 29 поени) полека почнаа да ја топат негативата. Во последниот период и двата тима се менуваа во водство, а гостите испуштија победа. На 12 секунди пред крајот Филиповиќ со тројка израмни на 78:78, а Неделков промаши под кошот во последните секунди.
Во продолженијата херој на охриѓани беше Фрај, кој украде топка во последните секунди и со забивање го постави конечниот резултат 94:90.
„Оваа победа ни го отвора патот кон третото место, но знаеме дека имаме уште два меча во кои треба да бидеме максимално сериозни. Среќен сум што и на крајот бевме испратени со аплауз од скопската публика“, изјави Гацов.
Фени Индустри, кој сигурно го освојува првото место, го совлада Пелистер со 87:79, победа која во евентуален дуел со битолчани во плејофот им носи предност од 1:0.
Резултати: Фени И - Свислајн Пелистер 87:79, Фершпед Работнички - АМАК СП 90:94 по продолженијата, Вардар О - Струмица 65:90. Табела: Фени И 50, Струмица 47, Фершпед Работнички 43, Амак СП 43, Свислајн Пелистер 43, МЗТ Фон 40, Вардар О 37, Карпош Соколи 28. |