Двоен триумф на Ферари во Бахреин, Маса прв
Финецот нов лидер во вкупниот поредок на местото на Хамилтон, кој остана без бодови
Бразилецот Фелипе Маса го предводеше Ферари до еден-два триумф во трката за Големата награда на Бахреин во Формула 1, а неговиот тимски колега Кими Раиконен го презеде водството во вкупниот поредок на возачите од Луис Хамилтон од Мекларен.
Шестата гран-при победа на Маса во кариерата му ги донесе првите поени сезонава, и тоа токму на патеката „Шахир“ во пустината близу главниот град Манама, каде што со победата со возење од пол-позицијата до целта минатата година се вмеша во тогашната трка за шампионската титула.
Раиконен го забележа својот 50. пласман на подиумот во кариерата, со кој популарниот „леден човек“ од Финска по првите три трки сезонава изби на чело во генералниот пласман со 19 поени, три повеќе од Германецот Ник Хајдфелд од БМВ Заубер. Хамилтон, неговиот клупски другар Хеики Ковалаинен од Финска и Полјакот Роберт Кубица од БМВ Заубер го делат второто место со 14 бода.
Британецот Хамилтон го снајде кошмарно попладне, во кое заврши дури на 13. место, со цел круг заостанување зад двата болида на Ферари. Тој имаше многу бавен старт, згора на тоа и се „качи“ одзади врз болидот на својот поранешен тимски колега Фернандо Алонсо од Рено.
Мекларен го отстапи првото место и на табелата на конструкторите, каде што орото го поведе БМВ Заубер! Кубица финишира трет, откако стана прв возач во клупската историја на БМВ Заубер што почнал гран-при трка од пол-позицијата, а веднаш по него низ целта помина и неговиот совозач Хајдфелд.
БМВ Заубер оствари подиум-финиш на сите три трки сезонава, остварување со кое не можат да се пофалат Ферари и Мекларен. Швајцарците имаат 30 бода, Ферари 29, а Мекларен 28.
Ковалаинен го освои петтото место, Италијанецот Јарно Трули од Тојота шестото, седмото му припадна на Австралиецот Марк Вебер од Ред бул, а последниот поен отиде на контото на Германецот Нико Розберг од Вилијамс.
Маса експресно го презеде водството, престигнувајќи го подзаспаниот Кубица на самиот старт, а под коцкестото знаменце што го означува крајот на трката помина 3,3 сек. пред Раиконен. (Р. Д.) |