Рој пчели нападна 30 маратонци во Јапонија
Триесет атлетичари кои учествуваа на полумаратонот во јапонскиот град Саги, кој се наоѓа во југозападниот дел од оваа земја, се префрлени во болница откако за време на трката ги нападна рој пчели. Во трката која што се одржа во саботата учествуваа околу 3.200 атлетичари, а мал дел од нив во моментите кога минуваа покрај брегот на локалната река, беше нападнат од голем број инсекти кои според зборовите на очевидци личеле на „голем црн облак“. Информацијата ја потврди и шефот на спасувачкиот тим, Томоми Којанаги.
На нападнатите во локалната болница им беше укажана прва неопходна помош поради големиот број убоди, и според првичните информации од таму, за среќа, ниту еден атлетичар не е посериозно повреден, им изјави на медиумите шефот на спасувачкиот тим.
„Навистина е неверојатно тоа што се случи. Ваквите моменти покажуваат дека организаторите на трките мораат постојано да се оптоваруваат со секакви детали. Маратонските трки се долги и оставаат простор за многу „изненадувања“, токму затоа што е апсолутно невозможно да се контролира целата патека. Сепак, нападот од инсекти не е така честа појава, и затоа бевме многу уплашени кога ги добивме информациите од теренот, по што тргнавме во спасувачката мисија“, изјави Којанаги. |