Осум баби живеат со клетвата на Бабино
Жените на возраст од 70 до 90 години се последните жителки во ова демирхисарско село
БИТОЛА - Уште осум баби се последните жителки на демирхисарското село Бабино. Пишувањата за Бабино се вистински куриозитет ако за момент сакате да поверувате во приказната на бабинци.
Последните жители во Бабино се на возраст од 70 до 90 години. Со децении живеат без машка придружба, верувајќи дека со последната од нив ќе замине и клетвата фрлена врз селото. Бабинци веруваат во преданието за старицата од Бабино, која набркана од своите снаи, со години живеела сама длабоко во шумите на Илинска Планина. Протераната старица гневна на судбината го проколнала сиот женски род од својот крај на стари години да живее самотнички живот исто како неа. Оттука и верувањето како селото го добило името Бабино.
Во југозападниот дел на Македонија, на околу 45 километри од Битола, на магистралниот пат што води кон Кичево, во подножјето на Илинска Планина е свиено селото Бабино. Со пописот во 1961 година, Бабино броело над 450 жители, стотината куќи градени со камен биле полни со луѓе. Во секој дом се слушал детскиот џагор. Но, за жал, сега на пописот што претстои наесен ќе можат да се запишат во пописниот ферман, ако ги послужи здравјето, само уште осум баби.
Ивана Матеска има 83 години и е една од последните жителки на Бабино. Таа веќе 19 години е вдовица, а нејзината судбина повеќе или помалку ја делат и нејзини друшки Славка, Рада, Мара, Нацка, Симонка, Косара и Милица.
,,Мажите ги закопавме одамна, а децата си заминаа по својот пат. Се иселија кое во Скопје, во Битола, во Демир Хисар. А тие што имаа касмет го фатија патот за Австралија. Поминаа години, останавме сами жени. Се дружиме со мачките и кучињата оти сила немам веќе стока да чуваме. Единствената занимација ни се бавчите“, вели баба Ивана и смеејќи се мудро за да ја задоволи нашата новинарска љубопитност, почнува да ја раскажува приказната за Бабино.
,,Јас сум чупа од Лесково, тукa некое село погоре во Демирхисарско. Пред да се мажа, ми раскажуваа за клетвата што ја фрлила несреќната старица. Ама тогаш немаше шанса човек да поверува во такво нешто. Селото беше полно со луѓе. Училиштето вриеше од деца. Сите работеа лозја, ниви со жито, чувавме стока. Ни на крај памет пред шеесет и кусурот години човек не можеше да претпостави дека навистина ќе останеме само баби. Сега и без да сакам сум дел од тоа народно предание“, раскажува баба Ивана.
Летото е радост за стариците, велат едвај чекаат да дојде празникот Духовден, па да ги пречекаат внуците на гости. На овој христијански празник традиционално се одржуваат „Бабински средби“. Тогаш се отвораат вратите дури и од запуштените куќи, се пречекуваат гостите, се оживуваат приказните за Змејовата дупка. На влезот од пештерата има два сталактити со човечки раст за кои се верува дека се змејот и неговата убава жена.
Бабите за Духовден не се штедат. Велат дека со радост знаат да ги засукаат ракавите и да месат зелник со праз или питулици да ги испечат под вршник или да испечат месо на жар. Празникот им е шанса да се дотераат и на сред село да ги пречекаат своите. За чудо, на бабинските средби доаѓаат стотици и стотици бабинци иселени во македонските села или во странство.
,,Во Бабино, паметам, беше толку весело и толку полно селото што од нива кога се враќавме од музики не го чувствуваме уморот. Ќе ги фрлевме мотиките и одевме на сред село оро да играме. Имаше виолини и хармоники. Сега селото е заборавено. Барем една четвртина од бабници кои доаѓаат на средбите да се вратат во селото ќе биде добро. Бабинци заминаа за Демир Хисар, а таму ништо не им е подобро од овде“, вели Љубица Стојчевска (74), иселена во Скопје.
Бабинци велат дека и поводот за бабинските средби има своја цел. Во 2001 година по иницијатива на професорот Миле Матески Силјановски се собираат потомците од Бабино со намера барем на кусо да се оживеат старите огништа.
,,Средбите се за да се потсетиме на опстојувањето на нашите предци, но и за да се видиме со роднини и пријатиели со кои не сме се сретнале со години и децении“, вели Добре Тодоровски, писател по потекло од Бабино.
Ако случајно поминувате низ демирхисарскиот крај, не заобиколувајте го Бабано. Ова село е познато и по приватната библиотека на Стево Стапановски, која брои над 15 илјади книги. Во неа има ретки книги печатени на персиски, старотурски, арапски јазици. Донесени се од Багдад, Техеран, Дамаск, Инстанбул. Оваа библиотека не ја пропуштиле ниту странските дипломати во нашата земја. (А.Б.) |