Интервју
Не сакам да шетам наоколу преправен
Дејвид Морс
Од нашиот известувач, Сунчица Уневска
„Отсекогаш ме интересирала психологијата на луѓето што и' веруваат на државната пропаганда и доброволно се пријавуваат да одат во војна“, вели холивудскиот актер
КАРЛОВИ ВАРИ - „Големиот Дејвид Морс!“ Така едноставно овој исклучителе�� холивудски актер го претстави режисерот Мартин Донован на премиерата на нивниот заеднички, канадски филм „Колаборатор“, вклучен во главната програма. Дејвид Морс има зад себе осумдесетина филма, има одлични ролји и големи блокбастери, па сепак, никогаш не бил во првите редови на холивудските ѕвезди. Можеби многумина и не го знаат по име, но штом ќе го видите веднаш ќе се сетите на „Зелената милја“, „Преговарач“, „12 мајмуни“, „Танчер во ноќта“, „Доказ за живот“, „Карпа“, „Харт локер“ или делата на Шон Пен „Индијански тркач“ и „Чувар на преминот“, каде што ќе ја прегази ќерката на Џек Николсон, кој го чека да излезе од затвор за да го убие.
Педесет и седумгодишниот Дејвид Морс им направи проблем на организаторите во Карлови Вари, бидејќи воопшто не сакаше третман на ѕвезда. Сакаше да се шета покрај колонадите и да седи во баровите (па организаторите немаа друго освен да го следат во чекор) и неуморно даваше автограми и се сликаше со фановите.
Имате исклучителна кариера, но не оставате впечаток на човек кој поставува услови. Напротив, и понатаму сакате да играте во мали и независни филмови и да им помогнете на пријателите, како што е случајот со дебито на Донован, „Колаборатор“?
Имав благословена кариера иако не се чувствував секогаш така. Воопшто не е лесно да се натпреварувате со најголемите во овој бизнис. Имало ролји што не сум ги сакал, кои значеле одење надолу по скалата. Но, не се грижам околу тоа, бидејќи не сакам да шетам наоколу преправен. Тоа не е начинот на кој сакам да живеам.
Честопати сте имале улога на негативец, иако мислам дека сте многу уверлив и како добричина, што е навистина реткост. Но, многумина ве перцепираат како „лошиот“, ви пречи ли тоа?
Не ми пречи, но понекогаш проблемот е што во очите на луѓето станувате лош и така ве доживуваат. Тоа може да биде заморно. Сум играл и добар и лош, а понекогаш и комбинација од двете, како на пример, во „Зелената милја“ или во „Чувар на преминот“. Всушност, мислам дека сите сме помалку лоши и добри.
Имате играно многу на телевизија и на големиот екран, која улога би ја издвоиле како најважна, улога која била пресврт во вашата кариера?
Се обидувам да не гледам на работите на таков начин. Мислам дека се што сум направил водело кон следното. Јас се уште сум среќен ако добијам улога и се уште се трудам да ја направам најдобро што можам, велејќи си дека не се знае што може да произлезе од тоа.
Во новиот филм играте човек кој го зема својот сосед како заложник, па тоа беше повод овде на прес-конференцијата да ве прашуваат како е да се држи пиштол в рака, бидејќи често сте играле такви улоги. Имате ли проблем со тоа и како ги доживувате тие улоги?
Не го сфаќам тоа толку сериозно. Да, сум имал често такви улоги и тоа се ликовите кои ги играм, тоа не сум јас. Но, мислам дека можеби за мажите (не ме сфаќајте погрешно) тоа не е толку страшно, бидејќи и како деца доста сме играле со оружје. Јас на сето тоа гледам како на детски работи, како на еден вид играчки. Додека за Бјорк во филмот „Танчер во ноќта“, каде што таа мораше да држи пиштол за првпат, тоа беше драматично искуство.
Приказната во „Колаборатор“, која го задира прашањето на американските војни во Ирак, во Авганистан, е ваша заедничка со Мартин Донован. На премиерата рековте дека се работи за вистински настани!?
Гас, ликот што го играм, кој излегува од затвор и е несреќен затоа што не успеал да стане маринец, е базиран на еден мој сосед што живееше во иста улица со мене. Отсекогаш ме интересирала психологијата на луѓето кои и веруваат на државната пропаганда и доброволно се пријавуваат. Бевме во многу војни и факт е дека многу луѓе живеат со тоа искуство.
Беше ли тешко да се најдат пари за вака мал, независен филм?
Многу е тешко да најдете пари за дебитантски, мал и нежанровски филм, а особено ако немате ѕвезди. Неверојатно е, но штом добиете ѕвезда, добивате пари, бидејќи тоа и го продава филмот. Јас сум задоволен што го добив кастингот кој го сакав.
Ја прифативте улогата на Хју Лори во „Д-р Хаус“. Како се носите со тоа, со оглед на фактот што публиката го обожава Лори и од вас очекуваа иста улога?
Знам дека луѓето го сакаат Хју Лори и се лути на мене што го играм поинаку. Јас навистина им се извинувам за тоа. Но, од моја гледна точка неговиот приод кон оваа улога е морничав, додека овде јас сум доброто момче. |