И Холандија одговорна за Сребреница
На семејствата на тројцата босански Муслимани ќе им биде исплатен надомест
ХАГ - Судот во Холандија пресуди дека холандската држава е одговорна за смртта на тројца босански Муслимани за време на масакрот во Сребреница во 1995 година во Босна. Холанѓаните беа одговорни за „безбедносната зона“ на ОН во јули 1995 година кога силите на босанските Срби ја презедоа и убија осум илјади муслиман��ки мажи и момчиња. Холандската влада секогаш тврдеше дека нејзините војници биле оставени од ОН.
Пресудата е неочекувана и може да го отвори патот за други барања за надомест. „Судот пресуди дека холандската држава е одговорна за смртта на тие мажи бидејќи Дачбат (холандските војници во ОН) не требало да ги предадат“, изјави портпарол на судот во Хаг.
Судиите од Апелациониот суд наредија владата да им исплати надомест на роднините на загинатите мажи. Пресудата е целосно изненадување за тужителите, нивните адвокати и за обвинителот, холандската држава, јави дописникот на Би-Би-Си од судот во Хаг.
Претходно судот донесе одлука во 2008 година дека холандската држава не е одговорна за смртта на вработените Босанци во Дачбат и нивните семејства, бидејќи војниците работеле под мандат на ОН. Тогаш, исто така, истакна дека холандската држава „не е одговорна за погрешното дејствување на одговорните за вооружените сили или припадници на националната влада“.
Масакрот во Сребреница останува чувствително прашање во Холандија, јавуваат дописниците; во 2002 година владата падна по објавувањето официјален извештај што беше жестоко критичен за холандските дејствувања кога се случиле убиствата. (Би-Би-Си) |