Број 3409  понеделник, 18 октомври 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон
Вести








Site Meter

Ексклузивно: Дерил Хана

Потешко ми е да играм вистински ликови

„Ја одбив улогата во „Згодна жена“ не поради тоа што беше проститутка, туку поради гламурот со кој е претставена“, вели холивудската актерка Дерил Хана

Сунчица Уневска


Прекрасната американска ѕвезда Дерил Хана остави навистина исклучителен впечаток на отворањето на „Браќа Манаки“ со својата непосредност, шегување на своја сметка и односот кон својата работа, која ја сфаќа како вистинска мисија за да даде свој придонес во подобрување на некои работи во светот. Но, она што беше уште повпечатливо беше нејзиниот природен и едноставен однос за време на нашето интервју, кога ми падна листот со прашањата на земја, а таа се наведна го зема и ми го врати.

Хана изгледа навистина прекрасно, толку е нежна, провидна, негувана, но и многу освестена и загрижена за сето она што се случува во светот. Како што рече, воопшто не сака да игра типизирани улоги, на девојки, пријателки, на русокоси итн, туку своите ролји ги сфаќа како вистински глас со кој порачува нешто. А за тоа, секако, доволно зборуваат многубројните егзотични улоги кои таа ги има одиграно.



Госпоѓице Дерил, имате одиграно многу различни и интересни ролји, кажете ми што е поголем предизвик за вас, да играте реални или измислени личности, или можеби карактери од иднината?

За мене веројатно е потешко односно предизвикот е поголем кога играм вистински личности. Кога креирам нешто што е измислено или некој лик од иднината, тогаш веруваш во се и ја откриваш својата имагинација. Но, кога станува збор за вистински лик, кој е многу повеќе од твојата имагинација, тогаш е многу потешко д�� го најдеш вистинскиот израз.



Улогата на андроид, која ја игравте во култниот филм „Блејд ранер“ на Ридли Скот е меѓу вашите први ролји, па сепак многумина ве паметат токму по таа улога. Што мислите, што беше толку посебно во репликантката Прис што направи толку голем впечаток?

Прво мислам дека многу луѓе сакаат футуристички филмови, сакаат да гледаат проекција на себеси во иднината. Второ, мислам дека Ридли Скот е одличен режисер, кој е исто така и уметник. Тој успеа да креира таква визија на иднината, каква немаше направено никој дотогаш. Во многу филмови се е мазно, чисто, јасно, додека овде Скот ни ја прикажува иднината валкана, уморна, тешка, фантастично мешајќи ги културите. Сведоци сме дека таа визија на иднината се оствари на многу начини, сме виделе многу работи кои изгледаат токму како во „Блејд ранер“. Има многу филмови за иднината, но не така оригинални. Беше многу забавно да се креира мојот лик, кој е исклучително уметнички експресивен, кој е невин, но и опасен истовремено.



Вашите трансформации од лик во лик се нешто неверојатно, понекогаш е навистина тешко човек да ве препознае. Дали понекогаш имате страв или сомневање за тоа како во некоја улога ќе изгледате?

Смешно е дека кога играв во „Блејд ранер“ навистина никој не можеше да ме препознае. Се случуваше и на сетот луѓето од екипата да не ме препознаат. Јас многу го сакам тоа, преферирам да играм такви ликови за кои е потребна трансформација. Има актери кои цело време играат слични ролји во различни ситуации. И мене ми нудеа да играм многу типични улоги на русокоси, во Холивуд системот на студијата е таков што можат да исцедат пари и од камен. Јас преферирам да бидам како камелеон, сакам автентични улоги, сакам да се менувам, сакам мојот лик да е комплексен и да има значење.

Дали ги сакате трансформациите и во приватниот живот?

Често во животот се чувствувам како набљудувач, слично како Питер Селерс, кој вели: „Јас сакам да гледам“. Се чувствувам како постојано да учам, често се изненадувам од тоа како нешто ќе испадне, не можам да замислам што точно одразува мојот карактер. Јас учам, постојано ги впивам нештата како сунѓер.

Дали сте одбиле некоја улога? Се зборува дека сте ја одбиле улогата во „Згодна жена“ поради тоа каков бил третманот во филмот кон жената. Со оглед на успехот што со таа улога го направи Џулија Робертс, дали пожаливте за тоа?

Не, никогаш не пожалив. Јас ја одбив таа улога, но не поради тоа што беше проститутка, туку поради гламурозниот начин на кој е претставен нејзиниот живот. Пораката за мене звучеше како, прекрасно е да бидеш проститутка пред да одиш на колеџ. Ако го работиш тоа ќе сретнеш човек со многу пари. Му реков на режисерот Гери Маршал дека немам проблеми да ја играм таа улога, ако тој во филмот покаже некои аспекти на тоа колкава е тешкотијата, колку е проблематична таа работа, колку е несигурна. Дека тоа обично го прават луѓе кои немаат друга опција. Јас играв стриптизерка во филмот „Танцување во сината лагуна“, но заедно со режисерот Мајкл Редфорд се обидовме да ја одразиме реалноста, истражувавме цели пет месеци, го прикажавме животот во тој свет на едно реално ниво.



И во реалниот живот сте многу активна кога станува збор за овие прашања, особено во поглед на проблемот на спречување на трговија со луѓе. Моментно снимате филм на оваа тема, патувајќи тајно низ земјите на Југоисточна Азија. Со оглед на вашите сознанија, колку е тешко да се застане на патот на овој проблем, и дали воопшто е можно?

Јас разбирам дека тоа е најбрз начин да се заработат пари во криминалната индустрија. Страшно е што денеска има поголемо ропство од било кога во човечката историја. Познато е дека ропство имало низ историјата, во Америка, во Африка, но страшно е што денеска, на ова ниво на развој, всушност, имаме најголемо ропство. Денеска кога вредноста на човечкиот живот е на некое друго ниво, ние се чини имаме најмалку човечки права. Тоа е многу често во земјите со економски проблеми, каде што има несигурна егзистенција, од каде што младите девојки многу лесно се лажат и намамуваат во канџите на сексуалното ропство. Во светот најголемиот број на злоупотребени се жени и деца. Има една книга на Кевин Бејл, кој се осврнува на овој проблем. Тој вели дека е можно да се искорени овој проблем првенствено со тоа да се научат младите колку е тоа реално опасно, колку е голем тој проблем, кој за жал е невидлив.


#
Статијата е прочитана 1141 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Насловна
Македонско-бугарски историски контроверзии (8)
Единствени за Тоше
Златото пали во светот, и Македонците сакаат прачки
За судиите испити, за министрите преведувачи
Фрлањето ѓубре по 21 часот, може да ве чини 50 евра!
"Плавушите" ќе се обединат во Софија
Зија Тонг Македонка со кинески корени
„Бошков Мост“ и „Луково Поле“ енергетски адути
Политика по крв
„Мајки“ доби огромен аплауз
Шкендија без навивачи на гостувањата
Одбележена тригодишнината од смртта на Тоше
Нема да се амнестира непотизмот
Карикатура
Лошите судски пресуди го празнат буџетот
Во Прилеп споменик на Бувие
Како до убавините на Македонија
Магазин
Како Белград стигна во тетовскиот двор?
Грците не плаќаат струја
Стил
Грабеж во Багдад - 12 убиени
Фестивал на албански театар во Дебар






Macedonia's fences do not make good neighbours
Croatia heading for possible early elections
Commission expected to give green light to Montenegro EU candidacy