Златото пали во светот, и Македонците сакаат прачки
Нашите граѓани не можат да инвестираат во злато, но доколку им се дозволи, интересот ќе биде огромен
Соња Маџовска
Зошто да не се инвестира и во златни прачки во сеф наместо вишокот пари да се чува само како заштеда во банка?
Златен ѓердан, белезица, обетки, бурми, златни парички за свадби, , свршувачки, крштевки, за различни свечености. На ова се сведува намената и симболиката на златото кај нас.
Иако најголемиот дел од македонските граѓани ги чуваат парите во банка, со што депозитите се искачија на 3,1 милијарда евра, аналитичарите сметаат дека има потенцијал за пренасочување на дел од овие пари во инвестиции.
Надвор од Македонија, на вложувањата во злато и на купувањето акции на странските берзи, во последно време се' повеќе се гледа како на добра инвестиција.
Македонците засега нема шанса да ги фати златната треска што го тресе светот во последнава година од растот на вредноста на златото на светските берзи, бидејќи во земјава тргувањето со овој метал е забрането. Со Законот за девизното работење, кај нас не е дозволено да се тргува со монетарно злато. Тоа може да се продава или да се купува само како украсен накит во златарниците. Но, и таму значително се покачени цените, а и нема многу купувачи.
Златарите сметаат дека доколку се дозволи инвестирање во злато во земјава, интересот ќе биде голем. И тие се заинтересирани за ваков тип инвестиција. „Доаѓаат муштерии и прашуваат дали може да купат необработено злато. Имавме еден случај кога сакаа да ни го откупат лон златото што го носиме од Турција, но ние, златарите, немаме интерес од тоа. А за накитот многу е намалена побарувачката. Златните парички веќе никој не ги бара. Се купува само по еден комплет ѓердан и белезица и толку, а не како порано кога невестите се китеа со злато. И, секако, бурмите се најбарани. Цените се движат од 50 евра, па до 400 евра. Има и такви од 4 илјади, ама тие кај нас не се бараат“, вели Мухамед Синани, сопственик на златарницата „Смарагд еволушн“ во Куманово. Според него, златниот накит најмногу се купува во летните месеци јули и август, односно во екот на свадбите, и кога голем број иселеници доаѓаат во земјава.
И од скопските златарници велат дека најмногу се бараат бурмите, и тоа оние поевтините. „Само бурми се купуваат, друго ништо и се бара тие да бидат што поевтини. Многу скокна цената на златото во последнава година. Сега еден грам се продава по цена од 25 до 35 евра, во зависност од изработката. Пред шест години еден грам беше 8 евра, пред две години достигнуваше цена од 17-18 евра за грам, ама во последнава година многу се зголеми цената на златото поради растот на светските берзи. Поради кризата, луѓето кај нас не купуваат злато. Тие немаат пари за основни работи, а не за злато. Се' повеќе дуќани во старата чаршија се затвораат или се ориентираат кон сребро. И јас ќе го сторам тоа ако продолжи вака“, вели Сефер Меџити, газда на златарницата „Авала“ во Старата скопска чаршија.
Законите во земјава ги ограничуваат македонските граѓани. Не им е дозволено да купуваат инвестициско злато, а не смеат да играат ниту на странските берзи. Сето тоа е последица на стравот на властите во земјава да не се одлеваат девизи, велат експертите. „Сметам дека Македонија треба целосно да го либерализира финансискиот пазар и да може слободно да се тргува со финансиски инструменти. Треба да се овозможи македонските граѓани да можат да тргуваат на светските берзи и да можат да инвестираат во злато. Очигледно, македонските власти имаат страв дека тоа ќе доведе до одлевање девизи од земјава. Зголемувањето на цената на златото беше рефлексија на едно несигурно финансиско време. Може да се зголеми уште, но никој не може да предвиди колку, бидејќи заздравува светската економија“, вели аналитичарот Ден Дончев.
Од Министерството за финансии и овој пат не ни одговорија дали имаат намера да го менуваат Законот за девизно работење, кој ги ограничува македонските граѓани во инвестирањето.
Инаку, во светот економската криза предизвикаа масовна побарувачка за златото. Последниве денови на светските берзи златото и натаму урива рекорди. Фината унца, која одговара на околу 31,1 грам злато, се продава по цена од 1.380 долари. Цената на златото од почетокот на годината порасна за околу 30 отсто како последица на ослабувањето на доларот, а се прогнозира дека може да се искачи и над 1.400 долари. И светските богаташи се' повеќе трупаат злато. Стравот од нова рецесија значајно ја поттикна побарувачката за злато и за акциите на златните рудници.
И домашните берзански аналитичари сметаат дека цената на златото и натаму ќе расте. Затоа, најголемиот дел од инвестициските фондови, парите што кај нив ги депонирале граѓаните на име удели, ги инвестираат во акции во златни рудници во Русија и во Австралија. Тие сметаат дека на овој начин најмногу може да се заработи, бидејќи во вакви кризни услови кога нема јасна претстава каде ќе се движат економиите и цените на акциите и на обврзниците, златото е најсигурна варијанта.
Македонија во злато може да ги чува само девизните резерви. Тие заклучно со јули изнесуваат 1,7 милијарди евра, а 13 отсто од нив се чуваат во злато. Според Народна банка на Македонија, овој процент постојано се зголемува. |