Нема да се амнестира непотизмот
Недостасуваат и критериуми според кои се избираат асистенти и професори бидејќи предава буквално секој, предупредуваат експертите
Жаклина Ѓорѓевиќ
Не може сите случаи на непотизам да се третираат исто, смета ректорот на скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Велимир Стојковски, по аферата за семејни вработувања што ги тресе скопските факултети откако случаите ги обелодени Министерството за образование и наука. Во пресрет на денешната вонредна ректорска седница, ректорот ги осуди случаите на непотизам, за кои посочи дека единствен виновник не треба да биде само Скопскиот универзитет.
Непотизмот го осудија и експертите, кои сметаат дека е потребна поширока општествена дебата за оваа тема, која не е единствена болна точка на факултетите. Недостасуваат и критериуми, според кои се избираат асистенти и професори, бидејќи предава буквално секој, предупредуваат експертите.
„Доколку на универзитетот навистина постои непотизам, тоа треба да се осуди како појава што ги урива основните принципи на морално, културно, етичко и во крајна линија, цивилизациско однесување“ изјави за „Утрински“ ректорот Стојковски. Според него, можеби намерата на Министерството била најдобра, но прстот не треба да се впери само на Скопскиот универзитет, со што се внесува сомнеж. Тој посочува дека на Универзитетот вработувањата не ги врши поединец, туку тоа се јавни конкурси согласно со законот, а изборот го врши Наставно-научниот совет на факултетот што е составен од професори, асистенти и студенти.
„Не е едноставно и не може со таква леснотија да се каже и да се тврди дека одреден случај е непотизам и сите случаи да се подведат под ист именител. Ако дете на професор го заврши факултетот со висок просек, ги поседува сите квалитети и ги исполнува сите услови да биде вработен на универзитетот, од каде што имаме право, само затоа што неговиот родител е вработен на универзитетот да го санкционираме и да го тераме да бара работа на друго место или, пак, надвор од државата. Со такво размислување ги кршиме основните човечки права“, рече ректорот.
Претседателката на невладината „Нулта корупција“, Слаѓана Тасева, ја поздравува иницијативата што се отворила темата за непотизмот на факултетите, иако, според неа, има многу полоши состојби отколку непотизмот. „За професори се избираат луѓе во области во кои не докторирале. А тоа се случува и со изборот на асистенти, што е појава што не смее да се случи“, потенцира Тасева. Таа го посочи примерот со професор по кривично право, кој е избран да го води предметот како доктор по политички науки. „Професорите меѓу себе си ги доделуваат предметите, па се случува да предаваат предмети за кои воопшто не чуле претходно“ вели таа.
Сашо Ордановски од невладината „Транспарентност-Македонија“ оценува дека не секој случај на непотизам е сам по себе проблем, за што е потребна поширока дебата, а не „сечење глави со меч“. „Министерот почна да го расчистува непотизмот, но се сопна на првото скалило - со фактот што и вујна му и сопругата работат на иста клиника“, вели претседателот на „Транспарентност - Македонија“.
Ордановски вели: „Македонија како мала земја има добра традиција на непотизам во образованието, особено на оние факултети на кои одредени професии се сметаат за семејни традиции, како што се лекарите, правниците или некои од техничките професии“. За него се работи за недозреаност на општествено ниво, а не за криза само во еден сектор. Нему му пречи што власта сака да расчисти со семејните лози на факултетите, бидејќи мисли дека сите немаат еднакви шанси и тоа го доживуваат како неправда, а сакаат на праведен начин во еден аршин да го решат проблемот.
|