Мислења
За судиите испити, за министрите преведувачи
Ана Павловска-Данева
Зарем помала штета може да направи лошо образован министер од лошо образован судија?
Во стручната јавност секогаш носењето закони во Собранието од областа на правосудството и јавната администрација било посебен предизвик за анализи, коментари, стручни мислења, критики и слично. Претставници на академската јавност секогаш учествувале во јавните расправи и тркалезни маси организирани по повод носењето на секој клучен закон. Заедно со практичарите (судии, обвинители, адвокати, државни службеници, стопанственици и слично, во зависност од материјата што се уредува) ги посочуваа реалните проблеми и предизвици, компаративните решенија, најдобрите практики. Се спротивставуваа аргументи, мислења, ставови, се пишуваа и јавно се изнесуваа реферати, говори, анализи. Така беше во 2006 година кога започна законодавната реформа во правосудството.
По само четири години, истите тие закони пак се менуваат: Законот за судовите, Законот за управните спорови и Законот за судскиот совет. Тајно. На брзина. Сте слушнале ли за некоја јавна дебата одржана за Законот за судовите за кој почна собраниската расправа? За тркалезна маса на која се собрале видни правници со различни ставови по предложените одредби? Прашани ли се судиите што мислат за овој Закон и за формирањето на нов Виш управен суд во државава? Прашани ли се студентите на Правните факултети како се чувствуваат кога среде студирање се сретнуваат со нова реалност - никогаш не ќе можат да станат судии во државава зашто покрај многуте солидни оценки, имаат и по некоја шестка што им го симнува просечниот успех под осум?
Не! Предлог-законот за судовите се чуваше во Министерството за правда во најголема тајност. Само мал број државни службеници ги знаеја новите решенија што имаа карактер на државна тајна од највисок степен!? Стручната јавност поим немаше што се случува во затворениот кабинет на министерот. Па, судиите на Управниот суд до скоро не знаеја дека ќе им се воспостави нов Виш управен суд и дека со тоа нивата положба се поистоветува со онаа на првостепените судии. Најголем број од правниците во стопанството, адвокатите, нотарите, извршителите, обвинителите, правниците од јавната администрација се' уште не знаат дека според новите законски одредби, тие ќе немаат право да конкурираат за судии. Остана уште малку време и малку места непополнети! А, со тоа моќта на министерот за правда расте ли расте!
Министерот за правда ниту еднаш јавно не ги образложи уставноста и целисходноста на своето „откритие“ дека идните судии мора да имаат најмалку осум среден успех од високото образование, а познавањето на англискиот јазик мора да го докажуваат со меѓународен сертификат. Ајде да позборуваме малку за ова. Дали се судиите носители на една од трите власти во Македонија, на судската власт? Да! Дали се и министрите носители на една од трите власти, а тоа е извршната власт? Да! Тогаш зошто и за секој министер како носител на државна функција на власт не се бараат вакви општи услови, како што се минимум осум просечен успех од студии и меѓународен сертификат за одлично познавање англиски јазик? Зарем помала штета може да направи лошо образован министер од лошо образован судија? Кој има повеќе потреба од течно зборување англиски јазик, министрите, чии патувања во странство со цела свита преведувачи не можат да се добројат или судиите, кои на македонските граѓани им судат по македонски закони и меѓународни договори преведени на македонски јазик?
Причините за тајноста и нетранспарентноста при подготвувањето на ваквите законски решенија се повеќе од јасни: несигурност, незнаење, страв од критики и желба за конспиративно пополнување на празните места пред да се изгуби власта! Ах, заборавив, министерот за правда во својство на истакнат партиец од сред Собрание ни порача дека ВМРО-ДПМНЕ немало никогаш да ја изгуби власта. Поточно, ќе победеле на следните избори. А јас, пак, наивно мислев дека министерот работи согласно со законите. Мислев дека негова работа е да предлага закони, да подготвува иницијативи, да донесува подзаконски акти, да врши инспекциски и други видови надзор, да води управни постапки. Согласно со нашите закони, министер не седнува во собраниска клупа како претставник на партија ниту, пак, му е дозволено да зборува како партиски функционер и да најавува изборни резултати во корист на својата партија. Министерската функција е различна од партиската, министре!
Старите велат - човек што ќе си надроби, тоа ќе си срка! Така и министерот, ги криеше небулозните законски решенија, па после од срам не знаеше каде да погледне кога на говорница се изредија пратениците од Собранието. Правниците му се потсмеваат, а му се случи дури и пратеник од власта јавно да ги нападне глупостите содржани во предложените измени на Законот за судовите, бидејќи (фала му на Бога, уште има такви) стручноста и професионалноста решил да ги стави пред политиката. Си ја наврте против себе, но и против партијата што ја застапува, целата стручна јавност, секој иден и сегашен правник, секој студент по право.
Сепак, мислам дека најголема грижа му создадоа двете пратенички, негови сопартијки што решија да „го одбранат“ во Собранието. Едната нема дооформено правно образование, па, најверојатно, затоа даде објаснување дека секој министер можел да си зборува што сака во Собрание, а другата поарно воопшто да не се јавеше за збор, зашто единствениот аргумент во одбрана на предложените „реформи“ беше мажественоста на нивниот предлагач!? Патетично, нели? Човек не знае дали да се смее или да плаче. Кога ги слушаме, се смееме, ама кога ќе помислиме дека од нив ни зависи иднината, и нашата и онаа на нашите деца, ни доаѓа да заплачеме. Уште подобро, да ги смениме!
(Авторката е професорка
на Правен факултет) |