„Бошков Мост“ и „Луково Поле“ енергетски адути
ЕЛЕМ оптимистички очекува дека до 2016 година ќе ги заврши двата енергетски проекта, замислени пред дваесетина години
Маја Томиќ
„Електрани на Македонија“ најавуваат забрзано темпо околу подготовките за двата енергетски објекта, хидроцентралите „Луково Поле“ и „Бошков Мост“, за кои експертската јавност одамна се има изјаснето дека се економски исплатливи инвестиции, односно се објекти што значајно ќе влијаат врз енергетската слика на земјава. За ХЕЦ „Бошков Мост“ се очекуваат пари од ЕБОР, а за „Луково Поле“ ќе помага финансиски Светска банка. Двата објекта, според оптимистичките најави на ЕЛЕМ, треба да бидат готови во 2016 година.
„Сериозно се подготвуваме. Со овие два енергетски објекта ќе се добијат дополнителни мегавати во мрежата што ќе биде од голема корист за земјата. Кредит мора да се земе затоа што станува збор за скапи проекти, кои не можеме сами да ги реализираме, но кредитите се со исклучиво поволни услови. ХЕЦ „Луково Поле“ се проценува дека ќе чини околу 60, а ХЕЦ „Бошков Мост“ околу 75 милиони евра, при што државата ќе учествува со околу 10 отсто во овие средства“, изјави директорот на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, додавајќи дека со меѓународен тендер ќе се бара градежниот изведувач.
Тој посочи дека двете централи треба да се изградат во рок од 4 години од почетокот на градбата. Во наредните месеци ќе се дотерува техничката и инженерско-геолошката документација и дополнително треба да се направат и еколошките студии. Притоа, со ХЕЦ „Бошков Мост“ работите се во понапредна фаза и се очекува кон крајот на идната година да се почне со подготовката на теренот за градба. „Луково Поле“, пак, се очекува да стартува во 2012 година.
Инаку, техничката документација за „Луково Поле“ и за „Бошков Мост“ постои веќе 20 години, но досега никако не можеше да се тргне натаму од тоа. За ХЕЦ „Бошков Мост“ беа распишани и 4 меѓународни тендери, од кои последниот заврши лани во септември, но не се појавија заинтересирани инвеститори. Дали причината за тоа беа лошо подготвените тендери, Владата никогаш не кажа јавно. Како и да е, лани есента таа донесе одлука оваа хидроцентрала повеќе да не оди на тендер и да се гради со странски кредити од ЕБОР и со домашни средства, односно да биде во државна сопственост.
ХЕЦ „Луково Поле“, според првичната идеја, требаше да биде заедничка инвестиција на Македонија, Албанија и Косово и требаше да се гради на реката Радика, односно на тромеѓето на трите земји. Одамнешната идеја за овој проект заживеа неодамна. Во јули годинава Косово крена раце од „Луково Поле“. Овој меѓудржавен проект доби нова димензија откако во Приштина косовската министерка за енергетика, Јустина Широка Пуља, на средбата со министерот за економија, Фатмир Бесими, најави дистанцирање на Приштина од целиот проект. Бидејќи со обележувањето на границата и разграничувањето токму кај местото Луково Поле, Македонија со поместувањето на граничната линија доби поголем дел од косовската територија. Така, стана логично оваа планирана хидроакумулација да биде наша инвестиција, бидејќи влезе во територијата на Македонија.
Според постојната документација, ХЕЦ „Бошков Мост“ треба да биде со моќност од 68 мегавати, а просечното годишно производство да е 117,546 гигават-часа. Со изградбата на „Луково Поле“, пак, ќе се произведуваат и ќе се пласираат дополнителни 160 гигават-часа електрична енергија преку постојните три централи од мавровскиот хидросистем, „Вруток“, „Врбен“ и „Равен“ на кои новата централа ќе им ги засили стабилноста и капацитите. |