Како до убавините на Македонија
Еден од најголемите проблеми за запознавањето со македонските убавини за Французите и за другите е како да се стигне до нив
Од нашиот дописник Тони Гламчевски
Нанси - Кој што сака, добро казнува или критикува, е буквалниот превод на една француска поговорка. Така е и со нас кога од љубов кон нашата земја го критикуваме она што не ни се допаѓа кај нас, посебно во туризмот и сето она што го правиме за да привлечеме странски туристи кон нашата земја. Нема да навлегуваме во сите структурални слабости на оваа перспективна индустриска гранка (која е една од најдоходовните овде во Франција), туку, напротив, можеме да бидеме задоволни од реакциите на оние што имале можност да престојуваат во Република Македонија и да се запознаат со нејзините убавини и, пред се', да се дружат со нејзините граѓани, без разлика дали се од Битола, Скопје, Тетово, Дебар или од Штип.
Лично, на вашиот известувач му беа пренесени позитивните искуства од престојот во Македонија на странски новинари, дипломати, европски функционери, политичари и обични луѓе, многумина од нив прв пат биле во нашата земја. Кога некој ќе ви го каже тоа за вашата земја, сигурно дека тоа претставува пријатно задоволство. Како еден добар пријател, европски дипломат со турско потекло, чии предци живееле во Македонија, кој со задоволство раскажува како бил примен од луѓето во Тетово каде што живееле неговите предци.
Или, пак, сведоштвото на еден млад човек дадено во регионалниот весник „Ла вуа ди Нор“, Даниел Таке, кој од своето волонтерско престојување во Македонија, поточно во Кавадарци, се вратил со незаборавни спомени. Во Кавадарци работел во структура што се бори прот��в деликвенцијата на младите заедно со неговиот тутор Ѓоко, со кого ја организирале прославата на Св. Валентин на плоштадот во Кавадарци. Тој во Кавадарци и Македонија се среќавал со уметници, но, пред се', се вклучил во секојдневниот живот.
Слични вакви сведоштва сум слушнал и од претставниците на Француската алијанса во Битола. Градоначалникот на Епинал и пратеник Мишел Хејнриш, при неговата прва посета на Битола не го криеше воодушевувањето од „скриените“ археолошки богатства на Хераклеја. Двајца обични Французи, кои знаеја дека по потекло сум од Македонија, ми пријдоа и ми кажаа дека на телевизија ја погледнале рекламата за Македонија на која виделе дел од нејзините убавини и сега размислуваат да ја посетат (инаку тие редовно патуваат во странство).
Некои политичари го искажале своето воодушевување од Македонија и на официјалните состаноци, како на сесиите на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ), кога повеќе негови членови изразија воодушевување од природното и од културно-историското наследство на Република Македонија, со што имаа можност да се запознаат при посетата на земјата за време на состаноците организирани во рамките на македонското претседавање со Комитетот на министрите. Многу европски парламентарци инсистираа на тоа дека Република Македонија заслужува да биде подобро претставена во Европа, интересирајќи се што прави земјата на овој план.
„Македонија, која е убава земја, заслужува подобро да биде претставена пред другите Европејци. Еден град, како што Охрид, на пример, треба да привлече посетители, кои можат само да бидат освоени од убавината на многубројните стари цркви“, изјави полскиот парламентарец и член на ПС на СЕ, Ричард Бендер, кој во таа пригода ги запозна своите колеги од 47 земји-членки на Советот на Европа дека во Македонија е родена една од големите фигури на дваесеттиот век - Мајка Тереза. Бендер во таа пригода го праша и претседателот Ѓорге Иванов што прави земјата за да биде подобро запозната од Европа.
Сепак, барем моментално еден од најголемите проблеми за запознавањето со македонските убавини е како да се стигне до нив. Директните авионски линии се вистинска реткост од европските престолнини, а кога ги има, тие се повеќекратно поскапи од другите соседни туристички дестинации. |