Меридијани
Политика по крв
Ева Хофман
Трката за лидер на британската Лабуристичка партија во нормални околности не е настан од големо значење. Меѓутоа, неодамнешниот натпревар меѓу двајцата браќа, Дејвид и Ед Милибанд, илустрираше некои особености на демократските култури, кои честопати минуваат незабележано.
Политиката или практикувањето на моќта традиционално беше семејна работа. Кралевите копнееле за машки наследник, бидејќи моќта се стекнуваше преку наследната лоза и низ племенски врски. Наследната моќ често не значеше топли и отворени семејни односи. Хенри Осми беше подготвен да егзекутира две сопруги и да го отфрли христијанството во потрага по син. Има примери, во полигамни општества, каде што кралските конкубини меѓусебно си ги убивале децата со цел да обезбедат надмоќ на нивната генетичка линија. Отоманите ја воведоа практиката на „праведно кралско братоубиство“ наводно, за да се спречи граѓанска војна. Без разлика дали тоа вклучувало апсолутна лојалност или убиствено ривалство, традиционалната политика честопати се издвојувала од личната страст.
Демократијата, во нејзините грчки корени, почна со креација на јавна сфера одвоена од семејството и неговите емоции. Меѓутоа, модерните демократии, особено оние водени од англосаксонскиот модел, одат чекор подалеку со обидот да го одвојат не само приватното од јавното, туку и личноста од политичарот. Поделбата на некој начин е запишана во демократскиот спектар. По претседателските дебати во САД или Британија, кандидатите, кои може меѓусебно да се обвинуваат за најнепростливи гревови, срдечно се ракуваат и си делат љубезни и охрабрувачки насмевки.
Идејата дека можете весело да ги третирате по��итичките непријатели, и можеби да одите на пијачка со нив во слободното време - или, пак, да влезете во коалициска влада со нив - може да изгледа не само неприродно туку и малку непристојно во такви околности. Всушност, во некои млади демократии или понесигурни култури, суспензијата на личните чувства не секогаш успешно е одржана. Само минатата година бевме сведоци на физички пресметки во парламентите од Ирак до Тајван, Турција и најспектакуларните во Украина. Меѓутоа, колку далеку може да се оди во одвојувањето на личноста и политичарот и до кој степен веруваме во тоа?
Трката меѓу браќата Милибанд беше екстремен пример за она што би можело да биде наречено контранепотизам - обид да се апстрахира политичарот од приватните поврзаности. Додека двајцата браќа заедно застанаа на платформите, меѓусебно предизвикувајќи си ги ставовите, тие се обидоа да ја зачуваат двојната фикција дека од една страна, нема посебна врска меѓу нив, а од друга страна, дека нивните понекогаш жестоки несогласувања не ги расипуваат нивните братски чувства.
Некое време сите се однесуваа учтиво, но чувствителното нелогично размислување што беше инволвирано во ова беше покажано кога помладиот брат Ед ја освои лидерската функција со тесна разлика во последен момент. Одненадеж ова не изгледаше сосема правилно. Во медиумите, почнаа споредбите со кражбата од Исав на правото на првороден на Јаков и со разни трагедии на Шекспир. Одлуката на Дејвид Милибанд да се повлече од првите редови на политиката направи да биде очигледно дека се случи симболично обезглавување и некои се прашаа дали Ед Милибанд нема да биде посетуван од духови и попречуван како Магбет од извршеното психолошко насилство.
Во оценувањето на кандидатите за високи функции сме охрабрени да ја одбегнуваме „политиката на личноста“ и да не им обрнуваме внимание на таквите аспекти на идентитетите на политичарите како нивната духовност, приватното однесување (ако не се направат очигледни гревови), изгледот и естетскиот вкус. Можеби не сакаме политичарите да бидат водени од личен интерес, но треба да признаеме дека тие се личности формирани од мноштво фактори и страсти. Ако не сакаме да ја редуцираме нашата визија за политика на обработка на политика, треба да запаметиме - дури и ако тоа е за доброто на поцелосно и пореално мислење - дека и политичарите се луѓе.
(Авторката е писател на „Загубени во преводот“ и „По такво сознание“, поранешна уредничка во „Њујорк тајмс“ и пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата „Проект синдикејт“)
|