„Мајки“ доби огромен аплауз
Одлично отворање на фестивалот „Браќа Манаки“, со акцент на Македонија, а во присуство на Дерил Хана и на Вилмош Жигмонд
Прексиноќа во присуство на холивудската актерка Дерил Хана, легендарниот директор на фотографија Вилмош Жигмонд и во присуство на речиси целата екипа на филмот „Мајки“, предводена од Милчо Манчевски, се отвори 31. Издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“. За самиот почеток беше избрана прекрасната приказна за Лабин и Дојрана, која низ својата виртуозна изведба на шишињата ни ја прераскажа Зоран Маџиров. Ова беше навистина убав старт, одлично искористен од страна на директорката Лабина Митевска, за да проговори за големата историја на оваа земја, за нејзините легенди и митови, за сето она што низ времето се прераскажува и ја одбележува нашата земја и нашиот народ.
Гостите, секако, дека го подигнаа нивото и му дадоа таква атмосфера на фестивалот, што друго и не беше потребно. Дерил Хана, која доби специјална „Камера 300“ за нејзиниот придонес во светскиот филм, привлече огромно внимание. Салата во Центарот за култура во Битола се чини никогаш не била толку полна. Самите Битолчани зборуваа дека ваква гужва немало никогаш, иако и лани беше Викторија Абрил, а и другпат имало големи имиња од светскиот филм. Но, Дерил Хана со своето симпатично однесување навистина и ги оправда очекувањата.
Тука беше и големиот Жигмонд, кој беше воодушевен што се наоѓа на фестивал што ја слави работата на директорите на фотографија. Тој, исто така, многу скромно и едноставно зборуваше за оваа работа и за чествувањето на неговите колеги, а докрај остана и на филмот на Манчевски и на долгото претставување на ек��пата.
Отворањето помина во прекрасна атмосфера заедно со филмот „Мајки“ на Манчевски, кој во Битола остави голем впечаток. Овој филм, кој има сложена структура, односно има два играни дела и еден документарен, беше испратен со голем аплауз. А и во подоцнежните разговори луѓето зборуваа доста позитивно за филмот. Прес-конференцијата на која беа Милчо Манчевски, директорот на фотографија Владимир Самоиловски и еден од главните актери, Владимир Јачев, беше многу посетена. Манчевски рече дека ова повеќе е филм од Македонија, отколку за Македонија. Тој рече дека не го интересира географијата, туку луѓето, иако филмот е така осмислен што раскажува три приказни, за Скопје, Мариово и Кичево. Но, Манчевски вели дека навистина сите сме врзани за некаква географија, но сепак тоа не не одредува, туку тој во филмот се занимава со она што човекот го носи во главата и во срцето.
На прашањето дали очекува реакција од државните институции, со оглед на документарецот во кој го истражува случајот со новинарот Владо Таневски, тој рече дека тоа не е негова работа. Многумина мислеа дека на отворањето ќе дојде премиерот Груевски, токму поради поддршката која тој му ја даде на Манчевски, но тоа не се случи. На отворањето беше претседателот Ѓорѓе Иванов, кој е покровител на фестивалот и министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска. Говорите навистина овој пат не беа предолги, но штета е што наградите ги даваа тие. Сепак, ова е фестивал на уметноста и можеби избегнувањето на протоколот би го направил уште подобар.
|