Фељтон
Македонско-бугарски историски контроверзии (8)
Вистинска македонска просвета под Пирин
Македонците во Бугарија беа национално слободни само во првите години по војната, за време на културната автономија
Виктор Цветаноски
Македонците во Бугарија вистински национално беа слободни само во првите години по војната за време на културната автономија на Пиринска Македонија. Тогашната бугарска власт призна македонска нација и широко ги отвори вратите за меѓусебно комуницирање на Македонците од двете страни на границата. Односите меѓу тогашна Југославија и Бугарија биле на мошне високо ниво, а уште повеќе беа зацврстени по средбата на Тито и Георги Димитров во Блед во 1947 година.
Д-р Васил Јотевски, кој го истражува овој период од македонското минато, вели дека Централниот комитет на БРП(к) уште на Десеттиот пленум од 9 август 1946 година донел посебна резолуција по која се создала поволна клима за Македонците. Подоцна, на Третата обласна конференција на БРП(к) во Горна Џумаја (денешен Благоевград), меѓу другото, било побарано да се работи на широк културен план преку заемни посети и културна размена за зближување на Македонците од двата дела на Македонија и изучување на македонската историја во пиринскиот крај.
Истовремено било побарано отворање македонска книжарница и областен државен театар во Горна Џумаја. Книжарницата била отворена на 1 мај 1947 година, а на 7 ноември истата година и театарот. Првата претстава била „Печалбари“ од Антон Панов, во која учествувале и актерите Петре Прличко и Тодорче Николовски. Од Македонија во театарот во Горна Џумаја биле испратени артистите Илија Милчин, Крум Стојанов и Вера Вучкова. За Пиринска Македонија есента заминале и стотина учители, кои во повеќе села и градови ги изучувале децата на македонски литературен јазик.
Тогаш 43 години по загинувањето, од Софија во Скопје беа пренесени моштите на Гоце Делчев, со што беше исполнета желбата на неговите соборци тие да бидат погребани во слободна Македонија. Годините пред тоа тие биле чувани од македонските револуционери како најсвето нешто. По загинувањето во селото Баница во 1903 година, Гоце бил погребан во ист гроб со негов соборец што загинал во истата битката. Три години подоцна македонските револуционери Михаил Чаков и Таската Серски тајно ги откопале коските на Гоце и ги ставиле во посебно сандаче, кое го сместиле под престолот на црквата „Св. Никола“. Таму останале се' до крајот на Првата светска војна кога Чаков го однел сандачето во Ксанти, а оттаму во Пловдив, а потоа во Софија. Тогаш почитувачите на Гоцевото дело изработиле посебен саркофаг и во август 1923 година ги изложиле моштите во познатата софиска црква „Св. Недела“ за да можат да ги видат и да ги допрат сите оние што му се восхитувале на великанот.
Долго беше патувањето на моштите на Гоце. Сместени во саркофаг изработен посебно за таа цел, тие тргнаа од Софија кон тогашна Народна Република Македонија на 7 октомври 1946 година и преку Пиринска Македонија, Струмица и Штип стасаа во Скопје на 10 октомври. Нив на претставниците на Македонија им ги предадоа раководители на Илинденската организација. На свеченото испраќање за да се збогуваат од Гоце дошле околу 5.000 Македонци од повеќе места во Бугарија. Посмртните останки во присуство на највисоки македонски раководители беа погребани во црквата „Свети Спас“, а на овој голем чин присуствувале и неговите живи сестри - Тина Андонова, Лика Станишева и Елена Пејнерџиева.
Пролетта 1990 година како новинар престојував во Пиринска Македонија и притоа се сретнав со повеќемина Македонци што говореа за времето кога тие можеле по националност да се декларираат она што се. Според нивните кажувања, на пописот во 1946 година само во Пиринска Македонија околу 70 отсто од населението се запишало како Македонци. Се' на се', тогаш во Бугарија како Македонци се декларирале околу 180.000 лица. Уште еднаш во наредниот попис, во 1956 година ќе се потврди ова иста бројка, само нешто зголемена. Според официјални бугарски извори, тогаш ќе бидат пребројани точно 187.789 Македонци. Од 282.015 жители во Пиринска Македонија, 63.7 отсто или 178.862 ќе се запишат како Македонци.
Веднаш по овој попис во 1965 година, бугарските пописничари ќе му соопштат на светот дека во Бугарија останале само уште 8.750 Македонци, десет години подоцна нив ќе ги снема. Тактиката на комунистите и на Живков со притисоци и уцени да ги одродува Македонците ќе ја продолжи и новата власт по падот на бугарскиот диктатор, така што на последниот попис Македонците ќе бидат сведени на 5.000 души.
„Во 1946 година бев прислужител (курир) во училиштето. Таа година во декември беше организиран и пописот. Јас и учителот од селото бевме задолжени да ги попишуваме луѓето од Самоилово. Пред пребројувањето имавме состанок сите попишувачи во Петрич, дојде од Софија и специјална делегација, дојде и Борис Вапцаров, брат на Никола Вапцаров. Прв зеде збор и почна да ни објаснува како да го вршиме пребројувањето. Прво не' предупреди да нема никакво насилство, кој како што сака, така нека се пише. Кога заврши состанокот, секој си замина на своја страна. Веднаш потоа почнавме со попишување. Сите селани од Самоилово и од другите подгоречки села се пишаа Македонци“, ќе ни раскаже Серафим Илиев.
И за време на вториот попис во 1956 година пак ги повикале во Петрич. И на тој состанок говорел Борис Вапцаров, но, нешто друго, дека во Пиринска Македонија живеело бугарско население, дека сите требало да се пишат Бугари, но ако некој сакал да се пише Македонец, нека се пишел. „Народот не сакаше да ги слуша директивите на бугарските комунисти, сите во Самоилово и подгоречките села повторно се пишаа Македонци. Оттогаш започна големиот притисок врз сите оние што се декларираа како Македонци. Многумина беа затворени, а околу 1.200 семејства од Петрич и Петричко раселени низ цела Бугарија“, вели Илиев.
Мошне илустративни за тие благопријатни години за културен и образовен развој на Македонците во Бугарија се искажув��њата на некои од учителите што заминале во Пиринска Македонија. „Секое одење дома поминував и често одев кај тетка Ленка, мајка му на поетот Никола Вапцаров. За мене таа едноставно беше тетка Ленче. Таа уште првиот ден не' пречека. Се фрли врз нас, извикувајќи: ’Моите Македонци, мои Македонци, и мојот Николчо е со вас...’ Тешко ми беше ако некогаш поминев крај куќата на Вапцарови, а да не се поздравев со тетка Ленче“, ќе раскажува Љуба Станкова.
Мошне пријатни спомени од тие години има и Киро Џимвревски од Куманово, кој бил учител во Петрич. „Некаде при крајот на учебната година вршев анкета меѓу учениците со прашање: дали ќе сакаат во наредната учебна година да ги изучуваат сите наставни предмети на македонски јазик? Во оваа анкета се изјаснија сите ученици и со голема радост бараа и идната учебна година наставата да се изведува на македонски јазик. Оваа желба беше слична и кај населението“, се сеќава тој.
Благоја Пацаноски од Прилеп бил учител во селото Бања. Цело време додека учителствувал таму, бил заинтересиран да види, да чуе како се чувствува народот, дали луѓето се сметаат за Бугари или за Македонци. „Бев изненаден кога погледнав во книгите во општинското собрание, бидејќи живеев заедно со секретарот на општината во иста зграда, па оттука имав можност да видам, да прочитам, дека во матичните книги сите беа запишани како Македонци. Тоа значеше дека сите до последен човек, целокупното население од село Бања, кое имаше околу 300-400 куќи со неколку илјади жители, беа запишани како Македонци...“, се сеќава тој.
Алимпие Калајџиески од Вевчани, кој бил учител во селото Микриево, раскажува еден интересен настан, за кој му кажувале селаните од селото Крушица. Во 1946 година кога се одржувал плебисцитот во Бугарија, дошле некои службеници од Горна Џумаја. Не ги нашле мажите во селото и сами направиле списоци и ги запишале сите жители дека се Бугари. Пандурот (селскиот падар) го забележал тоа и ги викнал селаните и им рекол: „Еј, браќа, собирајте се, сите ве запишаа како Бугари!?“ Мажите излегле над село, ги пречекале службениците и физички се пресметале со нив, ги искинале списоците, а потоа сами направиле нови во кои се запишале како Македонци и потоа делегација од 10 селани ги однела во Горна Џумаја.
Василка Антоновска од Битола, учителка во Горна Џумаја, говори за нивното драматично заминување во 1948 година по Резолуцијата на Информбирото кога се заострија односите меѓу тогашна Југославија и Бугарија и кога македонските учители беа протерани.
„Штом ја поминавме границата и преминавме на наша територија, бевме пресреќни. Чекавме да се појави нашиот камион за да не' прибере. Почнаа сите да се качуваат во камионот по ред. И кога требаше и јас да се качам, се појави еден бугарски офицер. Се изненадив кога од џебот извади пиштол и почна да трча кон нас и да нишани во мене. Се исплашив. Но, за моја среќа, се сопна на еден камен и падна. Го искористив тој момент и со помош на мојот сопруг се качив во камионот“, раскажува Антоновска. |