Лошите судски пресуди го празнат буџетот
За последниве десет години државата е задолжена да исплати над 850.000 евра само за пресуди и за спогодувања од Европскиот суд за човекови права во Стразбур
Гордана Дувњак
Близу еден милион евра државава им платила на своите граѓани во последнава декада за изгубени пресуди во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Штетите од лошите пресуди на македонските судови, засега, се значително поскромни и се движат околу 80.000 евра. Но, не треба да се изгуби од вид дека оваа сума се однесува само на последниве две години, откако Врховен суд доби нова надлежност да одлучува за повреда на судења во разумен рок. Од ден на ден, се зголемува бројот на предмети по оваа основа, а граѓаните се' почесто се охрабруваат правдата да ја бараат пред највисокиот суд за маратонските судски процеси.
Според последниот извештај за 2009 година за работата на владиниот агент и анализа на предметите и постапувањата пред Европскиот суд за човекови права од Стразбур, објавен на веб-страницата на Министерството за правда, во периодот од 2001 до 2009 година, Македонија вкупно исплатила 414.037 евра. Од нив, 353.636 евра биле за судења во разумен рок, додека 60.401 евро биле наменети за пресуди за други права од Европската конвенција. Најкритична година за државниот буџет била 2008 година кога се одлеале 172.675 евра.
Статистиката говори дека само лани вкупно биле досудени 37.680 евра за пресуди, од кои дел легнале на сметка на здружението „Радко“, од кои 5.000 евра за нематеријална штета, а 4.000 евра за трошоци. Нематеријалната штета, во зависност од случај до случај, се движела од 600 до 10.000 евра (максимумот во случајот „Ристевски“), додека досудените суми за судски трошоци ��иле од 180 до 4.000 евра. Истата година државава била задолжена да плати 96.226 евра за предмети што завршиле со пријателски спогодби и еднострани декларации.
Според бројките, не помалку ризична ќе биде и оваа тековна година, до чиј крај остануваат повеќе од два месеца. Зашто, според податоците до кои дојде „Утрински весник“, досега државата е задолжена да плати над 18.000 евра на име на пресуди, 19.000 евра за еднострани декларации, а дури 399.000 евра за пријателско спогодување.
Со цел да го намали притисокот на граѓаните пред Судот во Стразбур, надлежните интервенираа и во Законот на судови, додавајќи му уште една надлежност на Врховен суд. Зашто, колку за илустрација, од 46 земји-членки на Советот на Европа, Македонија е во самиот врв по бројот на предмети на глава на жители. Со 2,39 жалби на 10.000 жители, нашата држава е во првата „десетка“, а зад нас се само Грузија, Лихтенштајн, Молдавија, Монако, Црна Гора, Романија и Словенија.
Од Судскиот совет информираат дека лани од судската каса биле исплатени 650.000 денари (нешто над 10.650 евра) за пресуди за судења во разумен рок, додека за првите десет месеци од оваа година предвидената бројка е неколкукратно надмината и веќе достигна 4,5 милиони денари (околу 73.770 евра).
За поранешната судијка во Европскиот суд во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, сегашен фронтмен на Институтот за човекови права, овие состојби и цифри не се никакво изненадување.
„Очекувам бројот на предмети и натаму да расте, бидејќи граѓаните допрва дознаваат дека пред македонските судови добиваат уште едно правно средство, кое треба да го исцрпат“, вели Цаца Николовска. Таа додава дека допрва ќе треба да заживеат и институтите - пријателско спогодување и унилатерална декларација, што им овозможува на тужителите да се спогодат со државата околу висината на надоместокот за претрпената штета. А, на тој начин да избегнат судска постапка, непотребни трошоци и нервози.
Претседателот на Одделот за судења во разумен рок, врховниот судија Благоја Доновски, потврдува дека бројот на предмети е во пораст. Заклучно до август, имале во работа 133 предмети од кои 119 се од граѓанската материја, 11 од кривична област, а три од управна. На овие предмети во прв степен работат два совета од по пет судии - еден кривичен совет, а вториот - за граѓанска и управна материја. Второстепениот совет во кој предметите за судење во разумен рок доаѓаат по жалба, исто така, е составен од пет судии. |