Мислења
Музика за увото на премиерот
Ден Дончев
На кои проекции да им се верува - на оние од Светска банка или од ММФ?
Веста дека Светска банка во своите ажурирани проекции за стапката на економски раст за 2010 година за земјите во Централна и Источна Европа и Централна Азија предвидува Република Македонија да постигне стапка на економски раст од 2 отсто за 2010 година, за Никола Груевски беше вистинска радост. Тоа му дојде како „музика за увце“. Очигледно среќен и горд што Светската банка ги потврдила проекциите на кои неговата Влада се држи од самиот почеток на годината, премиерот излезе пред нашата јавност за да ни соопшти дека Македонија навистина ќе постигне раст од 2 отсто оваа година. Притоа кажа дека му е драго што ова го потврдува една сериозна и престижна организација како Светската банка која има врвни економисти, за разлика од оние квази економисти кои ги има во нашава држава коишто ��а 2010 година предвидувале стапка на раст пониска од онаа на Владата.
Бидејќи од почетокот на годината укажував дека Македонија ќе биде среќна доколку успее да постигне стапка на економски раст значително поголем од 1 процент, лично се најдов во таа група на „квази економисти“ на кои премиерот алудираше во неговата еуфорична изјава. Лично сметам дека во секој случај ќе биде многу подобро премиерот и Светската банка да излезат во право отколку да е во право било кој економист или „квази економист“ кој предвидува стапка на раст помала од онаа на Владата. Ако нешто и' треба на нашата држава, тоа е што повисока стапка на економски раст и камо среќа стапката оваа година да беше и далеку повисока од 2 проценти.
За жал, економијата на една држава е првенствено математичка наука и многу малку зависи од нашите желби, а многу повеќе од нашите дела. Повикувајќи се на процените на „врвните економисти“ во Светската банка, премиерот заборави да спомне дека проекциите за Македонија за 2010 година беа дадени во контекст на проекции за триесет земји од Централна и Источна Европа и Централна Азија. Премиерот, исто така, не спомена дека дури и со 2 отсто раст, предвидувањата за Република Македонија се меѓу најниските во споредба со другите земји од овие два региона. Всушност, проектираната просечна стапка на раст на земјите од овој регоион за 2010 година изнесува 3,9 отсто, што значи дека дури и да се оствари стапка на раст од 2 отсто за Македонија, таа, сепак, ќе биде двојно помала од просекот на земјите во овие два региона.
Како и да е, не помина многу време за пред некој ден и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) да излезе со своите ажурирани проекции за економскиот раст на Република Македонија за 2010 година. Економистите од ММФ, очигледно, не ги имале на ум предвидувањата на Светска банка, па нивната ревидирана проекција за Македонија во оваа година изнесува само 1,2 отсто. За големо изненадување, премиерот не излезе во јавноста да ја коментира проекцијата на ММФ.
Следејќи ја логиката на премиерот, се отвораат неколку дилеми и прашања. Првото логично прашање е на кои проекции да им се верува - на оние од Светска банка или од ММФ? Второ, ако во Светска банка работат „врвни економисти“, кои ја потврдиле проекцијата за стапката на раст на Владата од 2 проценти, дали во ММФ работат потпросечни економисти? Всушност, дали тие лица во ММФ кои проектирале стапка на раст за Македонија за 2010 година која е речиси двојно пониска од онаа на Светска банка, е направена од „квази економисти“? Конечно, како е можно да постои таква голема дискрепанција во ревидираните проекции на овие две институции, посебно кога станува збор за проекција за тековна година во услови кога две третини од годината ее веќе поминати?
Веројатно премиерот ги знае одговорите на првите две прашања. Што се однесува до големата дискрепанција помеѓу проекциите на Светска банка и на ММФ, веројатноста е голема дека проекциите на ММФ се поверодостојни од оние на Светска банка. Прво, мора да се има предвид дека основниот мандат на Светската банка е намалување на сиромаштијата и подобрување на квалитетот на животот во светот. Значи, во старт центар на вниманието на оваа институција не се макроекономските перформанси на било која земја туку прееземање и мониторинг на проекти кои се првенствено во улога на својот основен мандат. Значи, самиот состав на персоналот кој е директно одговорен за било која земја, првенствено е насочен кон следење на дефинираните цели и проекти во секоја поединечна земја. Тие цели и проекти се насочени кон намалување на сиромаштијата и подобрување на квалитетот на живеење.
Од друга страна, основниот мандат на ММФ е дефиниран како промоција на меѓународна монетарна соработка, развој на меѓународната трговија и стабилен систем на валутни размени. За да ги постигне дефинираните задачи во својот мандат, ова неминовно значи дека ММФ мора да има длабински преглед во фискалната и монетарната политика во секоја поединечна земја зашто токму овие две сфери го имаат најголемото влијание врз параметрите дефинирани во основниот мандат на ММФ. Тоа подразбира дека во составот на персоналот кој е директно одговерен за било која земја се претежно макроекономисти кои редовно и ажурно ги следат макро и микро економските настани во земјата.
Како и да е, времето ќе покаже кои од овие две проекции за стапката на економски раст на Македонија за 2010 година ќе биде точна. Но, без разлика дали конечната стапка ќе биде 1,2 или 2 отсто, во суштина ни едната ни другата нема да направат никаква разлика во секојдневниот живот за обичниот граѓанин во Република Македонија. Ниту едната, ниту другата проекција нема да можат да ја намалат огромната стапка на сиромаштија од 31 и огромната стапка на невработеност од 32 отсто. Суровата математичка вистина е дека доколку македонската економија и натаму продолжи да расте со просечна годишна стапка од 2 отсто (што, всушност, е нашиот просек во последните дваесет години), потребни се цели триесет и пет години за да го дуплираме денешниот просечен економски стандард на граѓаните.
Значи, вистинската дебата не е дали ќе оствариме два отсто раст во 2010, па да се радуваме на тоа и да ги етикираме сите тие кои проектираат помала стапка на раст како „квази економисти“. Вистинската дебата во Македонија треба да се води на прашањето што треба да направиме за да се обезбедат услови за континуиран економски раст на долгорочна основа од најмалку 7 отсто годишно. Бидејќи, ако ни се потребни 35 години да го дуплираме сегашниот просечен економски стандард со стапка на раст од 2 отсто, само 10 години ни се потребни да го постигнеме истото доколку растот е 7 осто. За жал, на виделина не постои некаква надеж дека оваа Влада, во останатиот дел од нејзиниот мандат, ќе биде подготвена да ги преземе неопходните чекори кои можат да обезбедат клима за висок и континуиран економски раст.
(Авторот е економски аналитичар) |